
На 63-годишна возраст во болницата во Сплит почина Ренато Баретиќ, хрватски новинар, писател и сценарист, чии дела беа преведувани и на македонски јазик.
Роден е во Загреб, каде на Филозофскиот факултет студирал компаративна книжевност. Во 1983 се вработува како новинар и пишува за бројни хрватски весници и списанија.
Баретиќ живееше исклучиво од пишување. Повремено работел како филмски и телевизиски косценарист и составувач на прашања за најпознатите тв-квизови како „Квискотека“ и „Кој сака да биде милионер“. Во новинарство го минал целиот развоен пат, од почетник во градска рубрика, преку репортер, телевизиски критичар и политички колумнист во поголем број хрватски весници „Вечерњи лист“, „Недељна Далмација“, „Слободна далмација“, „Ферал трибјун“, „Глобус“, „Национал“… Коосновач е, а од 2007 година и уметнички директор на популарниот фестивал за раскажување приказни „Причигин“ во Сплит, Хрватска. Беше член е на Хрватското здружение на новинари, хрватскиот ПЕН центар и Друштвото на хрватските писатели.
Во 2003 година го објави романот „Осмиот повереник“ за кој ги доби престижните книжевни награди „Владимир Назор“, „Иван Горан Ковачиќ“, „Август Шеноа“, „Ксавер Шандор Гјалски“ „Киклоп“ – награда на Саемот на книга во Пула. „Осмиот повереник“ ја објави „Култура“ на македонски јазик, а подоцна беше снимен и филм кој беше хрватски кандидат за „Оскар“. Потоа следеа романите „Зборувај ми за неа“ (2006), „Хотел Гранд“ (2008) и „Последна рака“ (2021). Објавувал и збирки поезија и избор од ТВ-колумни.
Во 2023 година беше гостин на 11. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ кој се одржува во септември во Скопје.
„Република“ го искористи гостувањето на Баретиќ и направи интервју со него кое може тука да го прочитате.
Нема писател или писателка, кои не работат некоја друга, ‘главна’ работа. Некој од нас е новинар, некој е професор во училиште или на факултет. Секој од нас пред сè е нешто друго, а потоа поет или белетрист. Јас одамна сфатив дека сум осакатен за сите други таленти, освен за пишување. Токму овие денови, на 13 септември, се навршуваат 40 години, откако почнав да работам како новинар и оттогаш живеам исклучиво од пишување. Се обидов да работам и некои други професии, но се покажа дека само во пишувањето може да бидам доволно способен и со тоа да ги плаќам сметките, да имам пари за храна, школување на децата…, изјави Баретиќ за „Република“ во интервјуто.