Skip to main content
rIwswZmgYRo
ПРОФ. Д-Р КАТЕРИНА ДАМЕВСКА, СПЕЦИЈАЛИСТ ПО ДЕРМАТОВЕНЕРОЛОГИЈА

Кожата ги „лепи“ сите честички и преку неа наоѓаме што има во воздухот

Александар Ивановски / Проф. д-р Катерина Дамевска, в.д. директорка на Универзитетската клиника за дерматологија

Професорката д-р Катерина Дамевска, специјалист по дерматовенерологија, в.д. директорка на Универзитетската клиника за дерматологија и професорот Дејан Мирковски, декан на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип истражуваа како аерозагадувањето влијае на кожата. Нивна научна цел била да детектираат кои честички се задржуваат на површината на кожата и понатаму имаат потенцијал да предизвикуваат оштетување.

Преку кожата наоѓаме што има во воздухот, вели во интервју за „Република“ проф. д-р Дамевска. Таа објаснува дека истражувањата за ефектите од загадувањето на воздухот врз кожата се од понов датум, а студиите на таа тема почнале пред десетина години.

Нивното истражување опфатило 60 лица кои 12 часа престојувале на отворено. Испитаниците не користеле никаква крема за заштита на кожата додека биле надвор. Навечер им бил земан примерок, кој потоа одел под електронска микроскопија. Честичките се анализирале по состав, големина, форма. Истражувањето било спроведено во три града – Скопје, Софија и Загреб, а методот на колакеција и анализа на материјалот е иновативен, развиен од проф. д-р Дамевска и проф. д-р Мираковски. Експертите од УГД истражиле 1.291 честички. Биле пронајдени титаниум, алуминиум, железо, никел, кобалт…Истражувањата покажале дека на кожата имало честички од био маса, гасови од возилата и други честички од согорувања.

Универзитетската клиника за дерматологија слави 75 години од постоењето и по тој повод викендов што измина беше организирана Прва научна конференција со меѓународно учество. Клиниката го организираше овој прв научен собир, со верување дека ќе стане традиционален. Истовремено, се одбележаа 75 години од првиот научен труд од Клиниката, публикуван, во тогаш, најпрестижното дерматолошко списание. Конференцијата беше посветена на инфламаторните и автоимуните дерматози.

Си поставивме цел да ја стимулираме интердисциплинарната соработка и да ги поддржиме младите специјалисти и истражувачи од земјата и светот. Имавме седум научни сесии со 28 предавачи, од кои седум од регионот (Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија). Имавме привилегија да присуствува и да одржи предавање и претседателката на Европското здруженије за дерматовенерологија. На конференцијата беа доделени награди за животно дело на професорот Александар Анчевски и медицинската сестра во пензија Василка Миленковиќ, вели претседателката на конференцијата проф. д-р Дамевска.

Македонија со години, можеби и децении е земја со висок степен на аерозагадување. Како тоа се одразува на здравјето на кожата?

Д-Р ДАМЕВСКА: Кожата е најмалата жртва, ако се имаат во вид доказите дека аерозагадувањето е поврзано со појава на карциноми, кардиоваскуларни и респираторни болести, дијабет, обезност, машки и женски стерилитет, невролошки и имунолошки нарушувања. Вознемирувачки се предвидувања за следните децении, кога очекувано, ќе се сумираат ефектите од климатските промени и загадување од сите извори: воздух, вода, храна.
Сепак, да останам во полето на мојата специјалност – дерматологијата. Кожата со својата голема површина е експонирана на загадениот воздух константно. Од него не можеме да се скриеме како што се криеме и штитиме од сонцето. Нашата предност е што кожата, како видлив орган прва ќе ги покажува несаканите ефекти.

Проф. д-р Дамевска: Има бројни истражувањата во светот кои јасно покажуваат дека хроничната изложеност на урбано аерозагадување влошува многу дерматолошки состојби / Фото: Александар Ивановски

Дали жителите на Скопје, како град со висок степен на загадување имаат зачестени кожни заболувања?

Д-Р ДАМЕВСКА: Има бројни истражувањата во светот кои јасно покажуваат дека хроничната изложеност на урбано аерозагадување влошува многу дерматолошки состојби. Засега, кај нас нема истражување на таа тема, но мој впечаток како клиничар е дека во подолгите епизоди на загадување, настапува влошување на хронични заболувања, особено на кожата на лицето, како најизложена регија. Таа поврзаност не секогаш лесно се докажува, затоа што ефектот, односно влошувањето може да се јави денови и недели после експозицијата. Неколку години ги собирам и анализирам пациентите кај кои има јасно временско совпаѓање меѓу изложеноста на аерозагадувањето и влошувањето на болеста, како и повторување на болеста повеќе години, секогаш во време на естремно загадување. Такви се пациентите со атописки дерматитис, кутан лупус, акне, синдром на сензитивна кожа и контактен алергиски дерматитис. Пациентите не се само од Скопје, имам пациенти од други градови како Битола и Струмица.

Дали аерозагадувањето влијае на побрзо стареење на кожата?

Д-Р ДАМЕВСКА: За тоа веќе има силни научни докази. Епидемиолошки, анимални и лабораториски студии покажуваат дека хронична изложеност на загаден воздух предизвикува пигментации, нерамномерен тен, брчки, проширени пори, кои се познати знаци на стареење. На пример, една голема студија ги споредува знаците на стареење на лицето и споредува една група жени кои живеат во чиста средина во Германија, со група се жени од загадена урбана средина во Кина. Студијата јасно покажува знаци на предвремено стареење кај втората група. Но, не старее само кожата – тоа е видливата промена. Аерозагадувањето и загадувањето од други извори потврдено предизвикуваат стареење на секоја клетка во нашиот организам. Старее нуклеинската киселина ДНК, што е основа за сите здравствени последици. Старее имунолошкиот систем, процес кој во науката се нарекува inflammaging кој вообичаено се јавува со напредната возраст. Студиите покажуваат дека вакви процеси започнуваат рано кај деца изложени на урбано загадување.

Дали постои корелација меѓу загадениот воздух и појава на кожни воспаленија и алергии? Дали аерозагадувањето ги влошува состојбите на кожата кај пациенти кои веќе имаат хронични заболувања, како акни, себореа, розацеа?

Д-Р ДАМЕВСКА: Да, аерозагадувањето може да е причина за ова појава на воспалителни и болести на кожата, особено кај лица кои имаат такви предиспозиции. Секако, тоа може да е провокативен фактор за влошување на постоечка болест на кожата. Покрај наброените, овде би ги додала и заболувањата на косата. Малите и ултрамалите партикли од атмосферата лесно навлегуваат во отворот на влакнениот фоликул, се вгнездуваат во него, продираат длабоко во коренот, каде остануваат долго и делуваат токсично. Тоа резултира со нарушен квалитет на влакното и негово опаѓање.

Дали ПМ 10 или ПМ2,5 честичките посебно влијаат на кожата?

Д-Р ДАМЕВСКА: Кожата ги „лепи“ и депонира сите честички од воздухот. Поголемите остануваат и делуваат на површината, а помалите можат да навлезат во епидермисот (површни слоеви на кожата), дермисот (подлабоки делови на кожата), но и во циркулацијата. Во однос на големината на партиклите (particulate matter, РМ), обично се зборува за РМ10 и РМ2,5, кои полесно се мерат и бројат. Од аспект на здравствените ефекти, не е доволно истражена улогата на најважни се најмалите (ultrafine particles), познати и како PM 0,1. Тоа се димензии на наноскалата, помали од еден микрон (0.1 μm или 100 nm во дијаметар). Тие не се мерат рутински, не се опфатени со регулативите и за нив не се зборува во јавноста.
Второто прашање, поважно од димензиите на партиклите е нивниот состав. Тој не е униформен, секоја средина – секој град, зависно од изворите на загадување, има специфичен состав на овие РМ. Тие се обично комбинација на различни соединенија, јаглеродни компоненти и метали. Од тој состав, зависи какви ќе бидат ефектите на здравјето, вклучително и на кожата.

Како да се ублажат ефектите од аерозагадувањето на кожата?

Д-Р ДАМЕВСКА: На пазарот се појавија anti-pollution козметички средства. Најважни чекори се препаратите за измивање кои треба ефикасно да ги отстранат депонираните честички и тие се користат навечер, како и козметички средства кои делуваат како бариера кои треба да се користат наутро. За мене се поинтересни интензивните истражувања од козметичката индустрија, кои доаѓаат до сознанија за базичните механизми на клеточното оштетување предизвикано од аерозагадувањето, како метилацијата на ДНК. Добро е за науката што овие скапи истражувања чија основна мотивација е да создадат добри козметички препрати, доаѓаат до откритија кои се корисни во другите медицински гранки.

Д-р Дамевска: Аерозагадувањето може да е причина за ова појава на воспалителни и болести на кожата, особено кај лица кои имаат такви предиспозиции / Фото: Александар Ивановски

На Симпозиумот за естетска медицина во Скопје, го презентиравте Вашето истражување за аерозагадувањето и како тоа влијае на кожата. До какви резултати дојдовте?

Д-Р ДАМЕВСКА: Мојот интерес за надворешните влијанија на кожата се поодамна и за тоа имам објавено повеќе публикации. Истражувањето долго го планиравме со професорот Дејан Мираковски, сега ректор на УГД во Штип. Наше научна цел беше да детектираме кои партикули се задржуваат на површината на кожата и понатаму имаат потенцијал да предизвикаат оштетување. Таков метод не постоеше во научната литература. Притоа имавме многу обиди и грешки што е основен принцип во науката, да го најдеме соодветниот метод прво на колекција на материјалот, а потоа и негова анализа. Во 2020 година конкуриравме и добивме грант од Европската академија за дерматологија (EADV).

Морам да изразам благодарност и да ги именувам поединечно, покрај проф. Мираковски, сите истражувачи од АМБИКОН Лаб и Факултетот за природни и технички науки во Штип, кои се вложија во проектот, многукратно надминувајки ги средствата од грантот: Академик Блажо Боев, професорките Тена Шијакова Иванова, Афродита Зенделска, Марија Хаџи-Николова и Иван Боев. Непознато е за јавноста дека во Македонија имаме врвни експерти за аерозагадување, електронска микроскопија и минеролози, без кои не можеше да се направи такво истражување. Имам огромна почит за нивниот академски интегритет и скромност. Од истражувањето произлезе публикација, која е многу пати цитирана, во која се опишува овој оригинален метод.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото и видео: Александар Ивановски

монтажа: Александар Арсоовски

Поврзани вести