Skip to main content

Во кино-салата на Железничката станица вечерва филмска проекција и дискусија за кооперативното домување

Во петок, 08 мај 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во кино-салата на Железничката станица (ул. Борка Талевски 26, Скопје), ќе се одржи филмска проекција и дискусија посветена на кооперативното домување и алтернативните начини на заедничко живеење. Настанот е дел од платформата city as a stage | градот како сцена организирана од FRU [AKTO].

Филмот Living Together: The Story of De Warren следи група млади луѓе кои во Амстердам основаат станбена заедница која треба да биде истовремено одржлива, социјална и достапна. Проектот е амбициозен — прв од ваков вид во Холандија — а никој во групата на млади станбени пионери претходно не изградил куќа.

Веднаш по филмот следува дискусија со Ана Ѓокиќ и Марк Нилен, интердисциплинарни уметници од Холандија, кои ќе го споделат своето искуство за проекти за кооперативно живеење. Дискусијата ќе ја предводи филозофот Максим Никифоровски. Влезот е слободен и отворен за пошироката јавност.

Платформата city as a stage I градот како сцена е организирана од FRU [AKTO] во соработка со: Tiiiit! Inc. / Прво Па Женско, OTM – On TheMove, Jednostavno rečeno, LOKOMOTIVA-Центар за нови иницијативи во уметноста и културата и Архитектонскиот факултет – „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Градот како сцена е платформа поддржана од Гете Институтот во Скопје и е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој” на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.


За проектот „Култура за развој”: Проектот „Култура за развој” го поддржува независниот културен сектор во Република Македонија, користејќи ја културата и уметностите за поттикнување критичко размислување за општествените прашања важни за локалните заедници. Целта е да се стимулира поотворено и демократско општество преку јакнење на социјалната кохезија, демократските процеси и општествениот дијалог, како и преку охрабрување на соработката меѓу културните институции. Проектот „Култура за развој” е поддржан од Владата на Швајцарија, а се имплементира од страна на Хартефакт Фонд од крајот на 2024 година до крајот на 2028 година.

Поврзани вести