Skip to main content

16 лица лишени од слобода во акција против дрога и нелегално оружје, извршени 47 претреси

Шеснаесет лица се лишени од слобода, а поднесени се 11 кривични пријави по засилена полициска акција против недозволена трговија со дрога и нелегално поседување оружје, спроведена на територијата на целата држава.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, акцијата била реализирана во текот на ноќта меѓу 16 и 17 октомври, под раководство на Одделот за криминалистичка полиција, во координација со сите сектори за внатрешни работи и Единицата за службени кучиња.

Во рамки на акцијата биле извршени 47 претреси во домови и други помошни простории на повеќе локации низ државата.

При претресите биле пронајдени и одземени поголема количина марихуана, повеќе пакувања со кокаин, како и помали пакувања со кокаин подготвени за понатамошна продажба. Полицијата пронашла и пиштоли, пушки, разновидна муниција, парични средства и други предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривични дела.

Против осомничените се поднесени кривични пријави за „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по член 215 и за „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик.

Од МВР информираат дека продолжуваат активностите за откривање и сузбивање на криминалот.

Поврзани вести