Skip to main content

Култниот словенечки роман „Левитан“ сега и на македонски јазик

Култниот роман „Левитан“ од словенечкиот писател Витомил Зупан е нов книжевен наслов во издание на „Полица“, објавен на македонски јазик во превод на Давор Стојановски. Заснован врз личното искуство на авторот од долгогодишниот престој во повоените југословенски затвори, романот претставува силно книжевно сведоштво за репресијата, слободата и отпорот на поединецот кон системот.

Иако може да се чита како автобиографски затворски роман, „Левитан“ ги надминува границите на личното сведоштво. Преку приказната за човекот соочен со затвореништвото и институционалната репресија, Зупан ги истражува моќта на телото и имагинацијата, како и способноста на човечкиот дух да ја зачува својата независност и во најтешките околности.

Со бескомпромисен хумор, еротика и остри набљудувања на човечката природа, авторот создава дело во кое се преплетуваат автобиографијата и фикцијата, реалното искуство и книжевната провокација.

„Левитан“ е роман за човекот што одбива да биде сведен на својата затворска судбина и за слободата што не зависи единствено од просторот во кој се наоѓаме, туку и од внатрешниот свет што успеваме да го зачуваме. Со изданието на „Полица“ и преводот на Давор Стојановски, ова значајно дело на словенечката книжевност станува достапно и за македонските читатели.