Skip to main content

Доделени наградите на „Скупифестивал“

Скупифестивал

Наградата за најдобра претстава на 20. „Скупифестивал“, што заврши синоќа во Албанскиот театар, ја доби „Тие веќе ги нема“ од Дорунтина Баша, во режија на Андреј Носов. Во претставата играа: Мирјана Карановиќ, Светозар Цветковиќ и Албан Укај. Продукцијата е реализирана во соработка со „Хартефакт“ од Белград, Србија, и SARTR од Сараево, Босна и Херцеговина. Карановиќ ја доби наградата „Луран Ахмети“ за нејзината брилијантна глума на ликот на Садика. За наградите одлучи жирито во состав: Мерита Чоќоли, Весна Куслеска и Аниса Исмаили.

Жирито ја додели специјалната награда за актерски ансамбл, за актерска игра на Шќелќим Ислами, Катерина Кистен, Като Калатозишвили, Марија Салома, Елен Јелинек и Јоханес Ванселов за нивните остварувања во претставата Unrecognized, од авторите Јетон Незирај и Давит Габунија, во режија на Дата Тавадзе. Претставата е меѓународна копродукција на: Центар Мултимедиа, Приштина, Косово; Кралскиот регионален театар во Тбилиси, Грузија; ÖrnProduction, Стокхолм, Шведска; Театарот на Печерск, Киев, Украина; Албанскиот театар – Скопје, Македонија; Градскиот театар во Малме, Шведска; Кралскиот драмски театар во Стокхолм, Шведска; и Градскиот театар во Гетеборг, Шведска.

Специјалната награда за актерска игра му беше доделена на Бујар Ахмети за улогата на Лека во претставата „Гнасотија“, од авторот и режисер Астрит Кабаши. Во претставата Ахмети настапуваше заедно со Мајлинда Косумовиќ и Ребека Ќена. Претставата е во продукција на Националниот театар на Косово од Приштина.

„Скупифестивал“ се одржа од 10 до 17 октомври во Албанскиот театар во Скопје. Беа изведени осум театарски продукции од Косово, Албанија, Полска, Молдавија, Турција, Бугарија и Србија, како и меѓународни копродукции во кои учествуваат и партнери од Шведска, Украина и Грузија.

Поврзани вести