
Премиера на драмска претстава: „Џо во земјата на чудата и пиперките“ ќе се одржи на 15.05.2026 година, во Културно информативниот центар – Скопје,Салон 19,19 со почеток во 19,00 часот. Станува збор за инклузивна комедија во времетраење од 60 минути.
Проектот претставува хумористичен приказ на патот кон прифаќањето и интеграцијата. Концептот се заснова на „културен судир“ помеѓу американскиот волонтер Џо и автентичниот македонски дух на учениците од „Димитар Влахов“. Низ серија комични ситуации, претставата ги руши бариерите на попреченостите, ставајќи го акцентот на заедништвото, музиката и универзалниот јазик на хуморот. Целта е да се покаже дека волонтеризмот не е само работа, туку емотивна размена каде сите учесници учат едни од други.
Дејството започнува во училишниот двор, каде Лука и Ана го пречекуваат волонтерот Џо од Минесота. Наместо формално добредојде, Џо веднаш е „фрлен во оган“ со првата лекција по македонски менталитет: разбирање на фразите „се тркала“, „нема гајле“ и светото значење на ајварот.
Во втората сцена, дејството се сели во ученичкиот дом каде Џо се обидува да го импресионира Енсар со „moonwalk“, но завршува учејќи македонско оро под инструкции на Мердан. Тука се појавува Ален, кој преку имитација на наставникот Стиф, воведува ред и дисциплина на комичен начин. Илина внесува драматизам со веста за недостатокот на гравче, што според учениците е најголемата трагедија што може да го снајде еден волонтер.
Третиот дел е посветен на јазикот и носталгијата. Првачињата го мачат Џо со брзозборки, додека Ален продолжува со имитациите на наставничката Даниела. Кога Џо се чувствува како „издуван балон“ од носталгија, Аљдин Мурати го лекува со музика, спојувајќи кантри танц со традиционално оро.
Кулминацијата на забавата е во сцените со хармониката на Ана и „тактилната терапија“ (масажата) на Аљдин Шерифи, каде Џо конечно признава дека станал вистински Македонец. Претставата завршува со грандиозно финале каде Џо диригира со оркестарот, а сите заедно ја изведуваат „За овој свет“ од Тоше Проески, праќајќи силна порака за хуманост и љубов.
Проектот вклучува голем ансамбл со цел да се прикаже инклузивниот карактер на училиштето:

Македонски




