
Македонскиот КИЦ во Белград, на 8 мај во 19 часот, ќе биде организатор и домаќин на изложбата „Куварице мање збори“ од проф. Јана Јакимовска. Пред белградската публика, за Јакимовска и за изложбата ќе зборува директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров. Овој проект е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Со проектот „Куварице мање збори“, Јана Јакимовска ја поставува жената како субјект што ја везе историјата, прашањата и критиките, истовремено вплеткувајќи ги традицијата и дигиталноста, интимното и политичкото, локалното и глобалното. Проектот ја надминува локалната традиција и станува дел од пошироката феминистичка критика на трудот, видливоста и гласот. Таа го поврзува културниот симбол на ,,Везилка“ од Конески со глобалните дебати за женскиот труд, ја враќа жената во центарот на културната историја и го отвора прашањето: што значи да се биде везилка денес – во ерата на дигиталните пиксели и постојаната експлоатација на трудот? Со други зборови, Јакимовска покажува дека везот не е само декорација: тој е политичка клетка, пиксел на отпорот, симболично сведоштво за истрајноста на женскиот труд кој повеќе не може да остане невидлив, се вели во рецензијата за изложбата од д-р Ана Франговска.
Проектот „Везилка“ се состои од 20 цртежи и 7 слики. Иако работата на делата првично беше инспирирана од истоимената песна на Блаже Конески, процесот ме одведе во различни периоди и отвори бројни прашања кои несомнено навлегуваат во контекстот на целиот регион, а не само на Македонија. Со оглед на тоа што делата на оваа изложба не се претставени во целост (недостасуваат сликите), како и на фактот дека овдешната, белградска публика, културолошки полесно ќе се поврзе со фразата „Куварице, мање збори“ отколку со насловот на песната на Конески, си дозволив за ова претставување пред српската публика да го променам насловот токму во овој цитат, ќе каже за изложбата , авторката Јана Јакимовска.
Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломирала (2005) и магистрирала (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Се занимава со сликарство (штафелајно и мурално), фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанс, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното поново творештво преовладуваат телото, сексуалноста и општествената положба на жената. Имала 24 самостојни изложби во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Учествувала на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Македонија. Учествувала и на бројни симпозиуми и ликовни колонии во земјата и странство. За своето творештво има добиено повеќе награди, од кои последна е наградата на КИЦ „Константин Мазев- Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор по предметите сликање и сликарски техники на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Македонски




