
На 29 мај (петок), со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот КИЦ во Софија ќе биде отворена меѓународна фотоизложба „Последните селани“ од колонијата „Арт поинт – Гумно“ со дела од автори, од различни земји: Ероу Рос (САД), Јана Хунтрова (Чешка), Алена Новакова (Чешка), Марек Пекни (Чешка), Ева Моричка (Чешка), Јана Мари Кнотова (Чешка), Павла Бичикова (Чешка), Надја Милерова (Чешка), Петр Буреш (Чешка), Рудолф Кучап (Чешка), Мартин Новотни (Чешка), Естер Шабик (Словачка), Харис Савидес (Грција), Елизабет Рос (Мексико)
На изложбата ќе бидат претставени селектирани фотографии од богатата фотографска колекција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО чијашто инспирација се локалните жители од регионот на горен Демир Хисар, оние што беа вечна инспирација и за Петре М. Андреевски. Во една прилика Петре ќе каже: „Овдека се сите луѓе, сите пејзажи, сите простори што влегле во мојата поезија и без кои не знам за што би пишувал“.
На чело на елитната фотографска бригада е американскиот фотограф со данско потекло и светска репутација Ероу Рос којшто беше еден од првите гости на уметничката резиденција на АРТ ПОИНТ – ГУМНО во с. Слоештица. За време на неговиот едномесечен престој во селото, есента 2005 година, тој буквално го документираше животот на едно македонско село. Во рамките на т.н. ПРИКАЗНА ЗА ЛЕБОТ, како што беше наречена неговата фото-авантура во Слоештица која според него е „вистински рај за фотографирање“, Рос направи и серија портрети на жителите. На изложбата во КИЦ Софија ќе бидат изложени 8 негови фотографии што воедно беа и дел од изложбата што Рос ја организираше во САД со наслов „Село во Македонија“.
Јана Хунтрова е реномирана чешка фотографка чии што дела се нашле и на страниците на престижното списание Национална географија. Нејзина специјалност се документарните фотографии и кратките документарни филмови. Таа е еден од водечките професори за документарна фотографија во чешката Либеречка школа за фотографија и графика и на гумното во Слојштица има гостувано во повеќе наврати, и како индивидуален фотограф и како професор/куратор на студентите од Либерец. На изложбата ќе бидат поставени две нејзини фотографии од 2021-та и 2024-та година.
Соработката со Либеречката школа за фотографија и графика – LŠFG од Чешка е меѓу позначајните меѓународни соработки што АРТ ПОИНТ – ГУМНО ги реализира во изминативе 23 години. Професори и одбрани студенти од оваа школа, до сега, во три наврати реализираа престој во креативниот центар во Слоештица. Во фокусот на чешките фотографи е македонското село. Групите што гостуваа во Слоештица во 2018, 2021 и 2023, крстосуваа низ селата од горно-демирхисарскиот регион и преку своите фотографии ја раскажаа приказната за неисцрпното природно и културно богатство што, за жал, исчезнува. На изложбата ќе бидат поставени 7 селектирани фотографии.
Естер Шабик е млада, талентирана мултимедијална уметница од Словачка. Во АРТ ПОИНТ – ГУМНО престојуваше во 2019 година кога на темата на резиденцијата: „Природата предупредува: Будни ли сте?!“ создаде серија уметнички дела во разни техники, инспирирани од локалното природно богатство и климата.
„Слоештица – име за цел еден свет“ беше тема на меѓународната уметничка колонија во 2024-та година, на којашто гостуваше и грчкиот фотограф Харис Савидес. На изложбата ќе биде поставен неговиот постер „Слоештица во црно и бело“ зад кој тој изјави: „Слоештица не е некое митско царство; тоа е мало планинско село кое раскажува приказна за едно минато време. Ова место открива реалност потопена во минатото и надреален, црно-бел поглед во иднината засенета од распаѓањето. Она што ме направи толку среќен беше мојата способност да се потопам во ова минато, како да влегувам во сцени од италијански неореалистичен филм. Улиците и пејзажите на селото резонираа со потресна автентичност, доловувајќи ја суровата, нефилтрирана суштина на животот, онаков каков што бил некогаш. Оваа длабока врска со историјата на Слоештица, сепак, со себе носи и длабока тага. Се плашам дека би можел да бидам меѓу последните што ќе сведочи и ќе го цени овој идеалистички спој на реализам и самракот на една ера. Навлегувањето на времето и модерното се заканува да го засени овој уникатен начин на живот, оставајќи само ехо за идните генерации.“
***
За АРТ ПОИНТ – ГУМНО:
Здружението – „Меѓународен центар за уметност и одржлив развој АРТ ПОИНТ – ГУМНО“ со седиште во с. Слоештица, Демир Хисар, делува од 2003 година под мотото на Тезеј: „Допри ја земјата за да се кренеш.“ Уметничките резиденции и колонии се водечки активности на центарот во кој до сега гостувале над 80 реномирани интернационални уметници и преку 20-тина талентирани студенти. За време на престојот во селото Слоештица, уметниците создаваат инспирирани од убавините на регионот и духот на локалните жители и често работат на зададени теми од значење за развојот на локалната заедница но и теми што го засегаат глобалниот свет.
Основачите на АРТ ПОИНТ – ГУМНО истакнуваат: „Нашиот центар е своевиден расадник за културни амбасадори за Македонија. Меѓу другото, низ годиниве, благодарение на бројните „амбасадорски мисии“, успеваме, да им покажеме на луѓето од руралните средини дека тие се локалните херои и дека тие се основата на нашиот корален гребен – илустративна метафора на нашето наследство и идентитет“.

Македонски


