
Вечерва (28 мај, 20:00 ч., МКЦ), со прогласување на добитниците на наградите „Златен був“ за најдобар долгометражен и краткометражен филм од жири и од публика, како и на специјалното признание Стефан Сидовски-Сидо“, ќе се спушти завесата на 16. издание на Филозофскиот филмски фестивал. Годинешното жири го сочинуваа домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Габриеле Зиндлер (скрипт-експерт, Австрија), Адријано Ерколани (филозоф и новинар, Италија) и Катерина Колозова (филозофина).
За затворањето е предвидена проекцијата на кинематографскиот тестамент на Жан-Лик Годар, односно краткиот филм „Сценарија“ и придружното „Експозе“. Првиот дел, „Сценарија“ (18 мин.), е самото дело и ги истражува битието и падот преку фрагментирани белешки, слики и звуци, кулминирајќи со автопортрет на самиот Годар, кој оголен на својот кревет препишува текст од Сартр. Вториот дел, „Експозе за филмот што го најавува филмот ’Сценарија‘“ (36 мин.) – и кој всушност хронолошки му претходи на „Сценарија“ – нè воведува директно во интимата на неговиот креативен процес, каде што Годар, размислувајќи „со своите раце“, смирено го елаборира својот визуелен ракопис.
Сето ова ќе се заокружи со пригоден коктел и концерт на бендот „Кокиче“ во чиј состав се: Филип Методиев, Раде Биковски, Мартин Џорлев и Дарио Циевски. Нивната музика е комплексна игра на инструменти во којашто гитарата е разиграна и мелодична, басот може да го почувствувате со сопственото срцебиење, тапаните се динамични и го шараат звучниот просторот кој е целосно e обземен од длабоките и сонливи синтови.
Филозофскиот филмски фестивал годинава по јубилеен десети пат институционално е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Македонски


