
Европската иднина на Западен Балкан, политичката интеграција и економските предизвици што ги носат глобалните процеси, беа во фокусот на конференцијата на Паневропската Унија на Македонија, на која говорниците испратија заедничка порака дека регионот е дел од европската архитектура, а не нејзина периферија. Во Европа, велат тие, се отвора момент на одлучување – континент кој се бори со демографски пад, миграциски притисоци и потреба од нови извори на енергија. Македонските и европските претставници побараа кредибилен европски процес, јасни политики и партнерство засновано на вредности, не на услови.
На конференцијата што се одржа денеска во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Европа веќе влегува во фаза во која демографските падови ја поттикнуваат нелегалната миграција.
Демографијата е сериозен проблем што во годините што следуваат ќе претставува предизвик за Европа и за светот, а особено за европскиот континент. Проблемот со демографијата подразбира и емиграција. Често таа емиграција е нелегална. Често таа мотивира популистички структури во општеството кои водат политика по принципот catch all — политички структури од крајно лево до крајно десно кои се обидуваат да мобилизираат гласови и често добиваат простор на политичката сцена со радикални ставови. Тие радикални ставови создаваат радикализација во општеството. Таквата радикализација не е добра за Европа како континент. А ако не е добра за Европа, тогаш не е добра ниту за САД. Го цитирам државниот секретар Рубио од неговиот говор во Минхен, кога рече: „Ние сме дете на Европа.“ Ако не е добра за две од трите најголеми глобални сили – Европа и САД – тогаш не е добра ниту за човештвото – рече премиерот.
Мицкоски го посочи и парадоксот на земјите од Западен Балкан, а особено на Македонија, која физички се наоѓа на надворешната граница на ЕУ, но практично се справува со миграции кои потекнуваат од земји членки.
Зошто се потребни тие мигранти и зошто дел од политичките структури во Европа ги толерираат? Поради веќе ниското ниво на фертилитет и глобалните предизвици, Европа има потреба од работна сила – најчесто луѓе кои доаѓаат од трети земји, од други континенти, од различни култури и менталитети. Тоа носи свои предизвици и специфики. Често сведочиме насилства на улиците, пораки кои немаат никаква врска со европските вредности во кои веруваме и кои ги споделуваме. Тоа создава радикализација, а радикализацијата води кон многу лоши времиња. Колку побрзо како континент ќе станеме свесни за ова, толку подобро ќе биде за сите нас – посочи тој.
Во последниот дел од своето обраќање, Мицкоски се насочи кон енергетиката и потенцијално историската шанса што се отвора за регионот во контекст на технолошките промени. Тој посочи дека вештачката интелигенција и дата-центрите ја зголемуваат потребата од електрична енергија со невидено темпо, при што, како што рече, „потребата од електрична енергија ќе расте два и пол пати побрзо од вкупната глобална потреба за енергија“.
Целиот свет денес зборува за вештачка интелигенција, а она што ја погонува – е електричната енергија. Во следната декада светот ќе има потреба од дополнителни 40.000 ТW нов инсталиран капацитет. Тоа можеби звучи апстрактно, но тоа е приближно колку денес имаат САД, Канада, Европската Унија и Јапонија заедно – рече премиерот.
Во таа насока ја најави иницијативата Skopje Electricity Connectivity Initiative, која треба да ги обедини шесте земји од Западен Балкан за да настапат заеднички со цел да привлечат дел од огромниот инвестициски бран што претстои.
Поединечно не сме доволно атрактивни, но обединети можеме да привлечеме барем 0,1 отсто од тие 40.000 ТW што ќе се инсталираат во следната деценија. Тоа се 4 ТW, односно 4 милиони MW инсталиран капацитет. Помножено со цената на MW, тоа претставува околу 4 трилиони долари. Поделено на 10 години, тоа е околу 400 милијарди долари потенцијален инвестиционен капацитет за регионот. Тоа е само 0,1 отсто од она што ќе му биде потребно на човештвото во следните десет години – а е речиси двојно повеќе од вкупниот номинален БДП на сите шест земји од Западен Балкан заедно. Ова стои пред нас. Од нас зависи дали ќе ги трансформираме нашите држави и нашето општество, или ќе продолжиме да тонеме во нашето балканско политичко мочуриште, останувајќи предмет на потценување и подбив. Од нас зависи дали ќе ја кроиме сопствената иднина или, како многупати во историјата, ќе дозволиме некој друг да ја крои наместо нас – нагласи премиерот.
Претседателот на Паневропската Унија на Македонија, Андреј Лапацов, нагласи дека Европа се соочува со прашања кои ја допираат самата суштина на европскиот проект – од единството до глобалната дејствувачка способност – и дека затоа интеграцијата на Западен Балкан е стратешка, а не периферна тема

Европа се соочува со прашања што ја допираат самата суштина на европскиот проект: единството пред сè, солидарноста и капацитетот да делува како глобален чинител. Во такви околности, прашањето за проширувањето и интеграцијата на Западен Балкан не смее да биде маргинално по никаква цена — затоа тоа е стратешко прашање за стабилноста на целиот континент. Како дел од Меѓународното паневропско движење, нашата организација ја продолжува традицијата на визионерска европска мисла — Европа како заедница на вредности, а не само како пазар или институционална рамка. Нашата позиција е јасна: ние не сме на маргините на Европа, туку сме дел од нејзината историја, култура и безбедносна архитектура, а нашата стратешка определба за членство во Европската Унија не е прашање на дневна политика, туку генерациска одлука – рече тој.
Лапацов нагласи дека таа определба „подразбира реформи, политичка зрелост и општествен консензус, но исто така подразбира и кредибилен европски процес заснован на принципи и предвидливост.
Колку повеќе се поврзуваме инфраструктурно, економски и институционално, толку сме поподготвени за целосна интеграција – рече тој, дополнувајќи дека од Скопје денеска се испраќа порака оти „Западен Балкан не бара привилегии – бара веродостоен и кредибилен процес и Европа која ќе остане верна на сопствените ветувања“.
Слична оценка даде и претседателот на Меѓународната Паневропска Унија, Паво Баришиќ, кој посочи дека Македонија станала лакмус тест за кредибилноста на ЕУ бидејќи со години останува меѓу најпосветените кандидати, а сепак беше блокирана од билатерални спорови.

Се среќаваме во еден одлучувачки момент за нашиот континент – во време кога размислувањето за иднината на интеграцијата и европската судбина на Западен Балкан и Југоисточна Европа е повторно во фокус. Како што постојано истакнуваме во Паневропската унија, овој регион не е на маргините на Европа, туку во срцето на незавршената мисија на проширување. Интеранационалната Паневропска унија во неодамнешната резолуција усвоена во Винковци повика на најрано можно пристапување на оние земји кои јасно ја покажуваат својата посветеност кон европските вредности и ги исполнуваат критериумите; од геостратешки причини, резолуцијата потенцира дека функционалната или регионалната интеграција не смее да биде замена за вистинско членство. Македонија, и покрај сите пречки — од долгогодишната блокада од Грција до поновите билатерални пречки од Бугарија — остана посветена на европскиот пат, а токму тоа ја прави тест за конзистентноста и кредибилитетот на европските политики – рече тој.
Баришиќ предупреди дека „прифаќањето на билатералните блокади од страна на европските институции го поткопува целиот процес на проширување, оживува негативни асоцијации за балканизација и создава нестабилност која се прелива надвор од регионот“, но потенцира и дека „активната дипломатија, реформите и усогласувањето со европското право мора да бидат соодветно препознаени и валоризирани“.
Тема на денешната конференцијата е „Европската иднина на Западен Балкан: Политичка интеграција, регионална соработка и економска отпорност во време на глобални предизвици“.
МИА

Македонски



