
Некогаш имаше приказна дека правдата е слепа. По се изгледа дека денес и го тргнале превезот од очите и ѝ ставиле очила со зголемена диоптрија, за да може да го препознава само она кое што сака да го види. Да не се збуни кога ќе суди.
Во Македонија правдата одамна не седи во судниците. Таа се крие по канцеларии, се шета по разни состаноци, а понекогаш шепоти и по телефон. Секогаш, ама буквално секогаш кога ќе ја побараш, тешко дека ќе ја најдеш.
Вака некако би изгледала саркастичната верзија на извештајот на Европската комисија за Македонија во делот на правосудството. Се разбира, доколку сарказмот е дозволена алатка во ваквите документи. А, не е!
Европската комисија упати силни критики и забелешки во однос на состојбата во македонското правосудство, констатирајќи го она што граѓаните го гледаат и чувствуваат на сопствена кожа.
Европската комисија го стави на хартија она за кое што премиерот Мицкоски зборува од првиот ден од својот мандат. Зборува дека состојбите во судството не се добри и дека се потребни итни реформи во оваа област. Реформи кои што ќе треба да ги отстранат сите аномалии и недостатоци кои што се акумулираа со децении наназад.
Но, како?
Како да се направат реформи во третата власт? Како да се интервенира во судството кое по дефиниција е посебно и независно, во услови кога самото е задушено во сопствените метаболити и не може да се извлече?! Како да се интервенира, а да не и се наруши независноста, а од една крајност да се отиде во друга? Како да се интервенира кај оние кои се независни, а во исто време немаат никаков контролен механизам на одговорност, кој ќе биде директно поврзан со граѓаните, како носители на суверенитетот на оваа држава и како корисници на услугите на третата власт?!
Судскиот совет и советот на обвинители, тоа се единствените инстанции пред кои одговараат судиите и обвинителите како носители на мандат без временско ограничување… до пензија. Тоа се единствените институции кои имаат допирна точка со демократските процедури во државата. Тоа се единствените форуми чиј што дел од членовите се избира преку пратениците во Собранието, оние кои што директно и на непосредни избори биле избрани од народот.
А, токму тука е единствената конекција на судската власт со народот. Конекција која што повеќе изгледа како да е целосно прекината и сосема изолирана од животните токови на народот и државата како единствен организам.
Навистина предизвикувачки прашања пред кои е исправена владата на Мицкоски! Прашања кои бараат итна реакција. Реакција која ќе мора да се справи со сите блокади и отпор на кои наидува и кои имаат за цел и интерес да ја зачуваат актуелната состојба во македонското правосудство. Пред владата е поставена исклучително сериозна задача од која зависат сите останати токови во државата. Реформи веднаш и сега!
Но, тоа не е се!
Да ја споменеме и корупцијата, појавата која што повеќе не е болест, туку навика. Особено онаа корупција во судството. Кај нас повеќе се плаќа за правда, отколку за свадба. И никој не е изненаден.
Да беше саркастична Европската комисија ќе ни го кажеше токму ова, а не да ни вели дека Македонија е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка во примената на законодавството на ЕУ и европските стандарди во областа на судството, но без напредок. Тоа е класична дипломатска формулација која на судството му вели „Исти сте, само подобро се преправате“.
Од тие причини, Мицкоски не смее да дозволи да продолжи да се повторува истото сценарио во оваа област како и секоја година. Ќе се објави извештајот, ќе се разбудат институциите на три дена, ќе се сликаат пред камери, а потоа повторно истата песна.
Повеќе нема простор народот да ја игра улогата на статист во оваа драма без крај. Граѓаните станаа експерти за судството, затоа што сите, барем еднаш се соочиле со слабостите во оваа област и биле принудени да навлезат и проникнат во правосудните лавиринти, како единствена опција за наоѓање на правдата.
Од друга страна и извештаите на Европската комисија загубија на сопствената кредибилност. Двојните аршини кои што станаа стандард на Европската унија јасно се забележуваат и во нејзините извештаи. Кога нив ги чита еден обичен граѓанин, од прва ќе забележи кога напишаното има реална допирна точка со неговото секојдневие и начин на функционирање, а кога формулациите содржани во текстот претставуваат бирократски флоскули или политички мотивирани оценки за наметнување на притисок.
Иако кај нас постои широка согласност со оценките на ЕК за македонското правосудство, проблематично е тоа што овие оценки доаѓаат од институции кои што и самите беа предмет на скандали поврзани со лобисти и пари во коверти. Доаѓаат од институција која од една страна ни вели дека нема напредок и дека постои корупција во судството, а од друга страна ни сугерира да ја зајакнеме нивната независност (читај недопирливост) и да ги „товариме“ со дополнителни пари и средства од буџетот за да ја зајакнеме нивната недопирливост, неодговорност и неотчетност.
Ваквите извештаи на Европската комисија, кои во преден план го имаат остварувањето на наметнатите политичките интереси на поедини земји членки преку заедничката политика на ЕУ кон Македонија, придонесоа да се создадат и зајакнат бројни аномалии во земјава. Придонесоа да имаме судии без одговорност, а обвинители без морал и елементарно чувство за правда.
Ако некој сака да стане недопирлив, нека стане судија или обвинител. Нема подобра заштита. Поголема од дипломатски имунитет, посилна од најсилниот штит.
И секој што ќе посака да расчисти со тоа, се соочува со истата закоравена структура која живее од статус кво состојбата. Секоја реформа што ќе се спомене, се дочекува како напад, кое што дополнително креира отпор кон сите обиди за искоренување на аномалиите во оваа област.
Правосудството не е само систем, тоа е огледало на државата. Одразот кој што го гледаме во него е нашата реалност за нас самите. Тоа е одраз на состојбите кои што сами ги креираме со нашата пасивност и молчење.
Правдата не доаѓа со извештаите, ниту пак со меѓусебните обвинувања за тоа кој е крив за состојбите. Таа ќе дојде кога работите ќе се стават на цврста основа, кога судиите ќе започнат да се срамат од ваквата репутација и доверба која што ја уживаат во јавноста, кога обвинителите ќе го бранат законот, а не личните интереси, и кога граѓаните ќе престанат да бараат „врски“ за своите права.
Правдата ќе дојде кога решителна рака ќе се зафати со процесот на вистински реформи и ќе им стави крај на сите недостатоци и аномалии. Правдата ќе дојде кога ќе им се стави крај на моќниците од сенка, оние кои што го држат судството во заложништво.
Во спротивно, можеме само да го поздравиме извештајот на ЕУ, да се заблагодариме на укажувањата и да си продолжиме со секојдневната правосудна реалност. Истите судии, истите лица во сенка и истата правдина… во бегство!

Македонски








