Skip to main content

Животните навики на родителите пред бременоста влијаат врз здравјето на детето, тврдат белгиски лекари 

Оние што сакаат да имаат деца мора да водат сметка за начинот на живот уште пред зачнувањето на плодот, затоа што тој животен стил може да има последици врз здравјето на нивното идно дете, предупредуваат лекари од белгискиот Универзитет Хаселт. 

– Идеално, промената на начинот на животот треба да започне една година пред зачнувањето, наведуваат лекарите Чахинда Госејн, Севда Еџе Кизилкилиќ и Пол Дендејл во статија во медицинското списание „Лансет“. 

Госејн, која е специјалист за срцева слабост и кардиоваскуларни заболувања кај жените, објаснува дека овој текст е одговор на општо прифатеното мислење дека на кардиоваскуларното здравје на детето влијаат навиките на мајката во текот бременоста. 

-.Она на што ние се осврнуваме е дека се занемарува една важна фаза што се случува пред бременоста, додава Госејн. 

Во трудот се наведува дека начинот на животот и на мајката и на таткото во голема мера одредува кои делови од ДНК-та се вклучуваат или исклучуваат додека плодот се развива во матката. 

– Програмирањето на здравјето на детето започнува во матката на мајката. Затоа, здравјето и на мајката и на таткото пред бременоста го одредува и здравјето на детето што треба да се роди. Паровите често не се свесни за ова, вели Госејн во изјава за белгиските медиуми. 

Тројцата лекари посочуваат дека на појавата на генетски болести влијае тоа кој делови од ДНК-та ќе бидат вклучени или исклучени додека плодот расте во матката, што во голема мера зависи од животните навики на родителите уште пред зачнувањето. 

Тие наведуваат дека затоа идните родители мора да водат сметка за главните фактори на ризик за појава на кардиоваскуларните заболувања, како што се начинот на исхрана, физичката активност, пушењето, алкохолот и стресот. 

Според Госејн, здравите животни навики треба да се практикуваат во текот на целиот живот, но плановите за родителство треба да бидат дополнителен мотив за промена на начинот на живеење, особено ако, на пример, лицата имаат прекумерна тежина, висок крвен притисок, пушат или редовно консумираат алкохол.   

– Тоа не мора да го прават сами. Постојат здравствени професионалци кои можат да ги водат низ тој процес, вели Госејн. 

Според неа, промената на начинот на живот не е лесна, но идните родители мора да одвојат време и простор за да го направат тоа, бидејќи таа промена влијае и на нероденото дете и на нив самите. 

Во текстот се посочува дека децата родени од мајки кои пред зачнувањето пушеле и имале прекумерна тежина или хипертензија, уште во првите години од животот во просек се потешки или имаат повисок крвен притисок од нивните врсници, што продолжува и подоцна во животот. 

– Исто така, забележуваме дека когнитивните вештини и коефициентот на интелигенција на овие деца често може да бидат пониски и дека во просек им е потребна поголема грижа. Сите овие негативни последици се веќе утврдени кај детето уште пред да се роди, објаснува Госејн. 

Авторите на трудот посочуваат дека нездравиот начин на живот претставува и зголемен ризик за појава на прееклампсија или гестациски дијабетес кај жената за време на бременоста, па дури и за предвремено породување. Појавата на ваквите состојби во текот на бременоста има негативни последици и по здравјето на детето. 

Преeклампсијата е состојба која се јавува за време на бременост и резултира со висок крвен притисок, зголемено присуство на протеини во урината и отоци. Гестацискиот дијабетес (ГД) исто така се јавува за време на бременоста, кога телото на жената не е во состојба да произведе доволно инсулин за да го одржи количеството на шеќер во крвта на соодветно ниво. 

– Ако доживеете прееклампсија, имате и поголема шанса да развиете кардиоваскуларни заболувања на помлада возраст по породувањето. Тоа е главен фактор на ризик специфичен за жените што моментално се потценуваат, заклучува Госејн.

Поврзани вести