
Министерот за здравство Азир Алиу денеска промовираше нов модул за електронска евиденција за елективни хируршки интервенции operacii.zdravstvo.gov.mk во јавните здравствени установи на кој граѓаните ќе може да проверат кога им е редот за операција, односно колкумина пред нив чекаат за истата интервенција. Секој пациент ќе биде третиран по принципот „прв дојден, прв услужен“. Ова нема да важи за итните, интервентни операции и тие ќе бидат веднаш извршени.
Листата на чекање ќе се ажурира секои 24 часа. Оние пациенти кои ќе одлучат да се оперираат на приватно, во некоја друга клиника, автоматски ќе бидат отстранети од листата на чекање во јавните здравствени институции.
На јавен портал ќе биде достапна листа на закажани елективни хируршки интервенции и ќе има стандардизирани правила за внесување и ажурирање на податоците во системот. Воспоставуваме јасен протокол на транспарентен начин да се води електронската евиденција за закажаните интервенции во здравствените институции. Целта е секој пациент да ја добие услугата по принципот „прв дојден прв услужен“ – рече министерот Алиу.
Досега, евиденцијата на елективни хируршки интервенции се водеше во системот „Мој термин“ преку издавање упат за операција. Но, според министерот утврдени се брјни недостатоци во системот.
Прво, упатите не се издаваат веднаш, при утврдување на потребата за операција, туку пред самата интервенција. Потоа, дел од установите и лекарите користат друг тип на упат за евиденција на пациентите на листата, а лекарите листите ги водат во хартиена форма. Листите на чекање не се прочистени и така се создава неточна перцепција за времето на чекање и реалните потреби на пациентите. Резултатот од анализата за 2025 година покажува значителна разлика меѓу реализираните упати кои биле 58.648, а реализирани операции имало 93.510. Тоа укажува дека не се почитувала законската обврска да се издава специфичен упат за операција – рече Алиу.
Новиот модул за пациентите ќе овозможи пребарување и приказ преку повеќе комбинирани параметри. Корисниците на јавниот портал може да пребаруваат по следните клучни филтри: „специјалност на лекар“, „хируршка интервенција“, „јавна здравствена установа“, „лекар специјалист“, „број на пациенти кои чекаат“ итн. Во модулот, освен од јавното здравство ќе бидат вметнати и клиниките од приватното здравство со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор за интервенции.
Идејата е транспарентноста, да знаеме во одредена здравствена институција колкава е листата на чекање за одредена здравствена услуга или одреден доктор. Досега тоа не беше така, заради тоа што листата на чекање беше водена во хартиена форма. Што значи дека може да има злоупотреба. А со системот нема да има, и ќе знаеме автоматски кога сме ние на ред, рече министерот.
На новинарско прашање дали ова ќе значи дека нема повеќе „фаќање врски“ за хируршки интервенции министерот одговори:
Со овој редослед, ќе имаме увид во тоа што се случува со одредена институција каде што има потреба од здравствена заштита или здравствена услуга. Листата на чекање не е фиксна, туку се ажурира секој ден. Со тоа, секој ден ќе знаеме дали се зголемува или намалува. Но, од друга страна, што е многу важно, ќе знаеме кој е пред нас и кој е по нас. Значи, тука, она што го спомнавте индиректно може да се намали — не сум сигурен дали моментот на „познавам некого па ќе одам преку ред“ може целосно да се отстрани. Сепак, нашите колеги и ИТ секторот се многу креативни; работиме на понатамошни креативни решенија. Но, ова ни беше многу важно и моравме да почнаме од некаде. Бројките, како што видовте, покажуваат огромна разлика помеѓу упатите и здравствените услуги, и се надевам дека по ова таа ќе биде помала, изјави Алиу.
Жаклина Чагоровска, од Управата за електронско здравство „Мој термин“ објасни дека секоја установа, преку своите администратори или директно преку лекарите, исто има можност и има обврска, всушност, да ги проверува листите на чекање.
Процесот започнува со давање на упат од лекар хирург. Тој упат е специфичен во системот постои како тип на упат ‘упат за хируршка интервенција’ и според него ние ги правиме листите. За појаснување дека секој упат, како и овој болнички упат, во себе содржи еден број. Тој за нас е многу важен. Се наоѓа горе лево на упатот и според овој број, кој е уникатен и не покажува никакви лични податоци, всушност се креира листата. Според овој број, секој може да си го пронајде своето место во листата на чекање кај лекарот. И надолу ги содржи сите останати податоци, односно се пишува операцијата, називот на операцијата и овој тип на упат, реков, влегува како таков во системот и преку него се следат понатаму листите на чекање. Исто, ќе нагласам дека и во законот е така, листите на чекање се водат по лекар. Значи, лекарот директно кој ја организира, всушност ја закажува операцијата, секој лекар има своја листа на чекање за секоја интервенција поединечно“, рече Чагоровска.
Чагаровска кажа дека и до нив стигнувале жалби дека пациентите се закажуваат за дополнителни термини и им се кажува усно дека има листа на чекање, но сега со новиот систем секој ќе има можност да провери колкава е таа листа.
Досега не беше никој во можност од граѓаните да провери дали навистина тој лекар има листа на чекање и навистина толку многу треба да се чека. Сега го даваме на увид и може секој да провери на овој начин. Ние, секако во соработка со Инспекторатот и со Фондот, контролорите, сме имале вакви случаи каде што се проверувале овие податоци и тие исто имаат пристап на листа во која можат да видат навистина, и таму одат директно во установите да проверат дали е вистина. Со дополнителната дејност да, и тие се задолжени да водат во системот, но нема многу установи кои работат дополнителна дејност. И од податоците кои ги побаравме, кои ги коментираше и министерот, ние им побаравме колку интервенции имаат извршено во дополнителна дејност, не се тоа голем број и не се тоа многу установи. Иако постојат, да, и сега се целото време предмет на регулација. Од тоа што знам е дека во законот, измените кои ќе следат понатаму во законот, ќе се доуредува и оваа област, иако и сега е уредена и би требало на тој начин да се донесе“, кажа Чагоровска.

Македонски



