
Мигрената ги погодува сите возрасни групи, но најчеста е кај работоспособното население на возраст од 25 до 55 години и е трипати почеста кај жените, што се поврзува со хормоналните фактори беше кажано денеска на Клиниката за неврологија каде што првпат беше одбележан Националниот ден на мигрената во организација на Македонското невролошко здружение и Клиниката за неврологија со мотото „Мигрената е повеќе од главоболка“.
Се смета дека од 12 до 15 проценти од населението во Македонија има мигрена, што значи некаде околу сто осумдесет-двесте илјади жители во нашата држава се афектирани од мигрена.
Д-р Емилија Цветковска од Клиниката за неврологија и претседател на Македонското невролошко здружение истакна дека првпат во земјата се одбележува Националниот ден на мигрената со цел подигнување на јавната свесност дека таа претставува сериозна невролошка состојба, а не само обична главоболка.
Таа нагласи дека мигрената е една од најонеспособувачките невролошки заболувања, при што пациентите за време на напад не се способни за работа или секојдневни активности и често се повлекуваат во затемнета просторија поради чувствителност на светлина, звук, гадење и вртоглавица.
Мигрената буквално им краде денови од животот на луѓето. Во Европа се проценува дека приближно 50 милиони луѓе страдаат од оваа состојба, а на светско ниво бројката достигнува околу една милијарда – изјави Цветковска додавајќи дека вообичаените лекови против болка често не се ефикасни. Во однос на тоа дали постои во детската возраст, постои исто така. Порано се сметаше дека таа поминува во менопаузата, но не, постои и кај постарата популација, така што никој не е поштеден од мигрената. Терапијата се дели на онаа што се дава за прекин на акутниот напад на мигрената, кога ќе се јави или ако некој има чести напади, и превентивна терапија за воопшто да не се јават нападите. И тука е, нели, големиот напредок во терапијата, што во последните години постои во светот, бидејќи имаме лекови што специфично влијаат на механизмите на настанување мигрена. Вообичаените аналгетици честопати не помагаат и затоа треба да се даваат овие лекови – рече Цветковска.
Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски, информира дека од февруари годинава е формирана специјализирана амбуланта за третман на мигрена, каде што во изминатиот период поминале повеќе од 50 пациенти.
Тој посочи дека од 2020 година на Клиниката се применува современа терапија за превенција на мигренозни напади преку Фондот за здравствено осигурување, при што досега се опфатени 117 пациенти.
За третманот на самата мигрена, веќе во денешно време постојат многу современи лекови, кои не го запираат самиот мигренски напад, туку го превенираат да не се јави. Ефектите се охрабрувачки – кај некои од пациентите нападите се значително намалени или целосно отсуствуваат. За оваа година планираме проширување на терапијата за уште 70 пациенти – рече Божиновски.
Лекарите предупредуваат дека некои од пациентите сè уште не ја препознаваат мигрената или ја занемаруваат наместо да побараат медицинска помош поради што повикуваат на поголема информираност и навремено лекување
Тој рече дека за да се дијагностицира мигрената, пред сè, е многу битно да се земе добра анамнеза од самиот пациент за тоа како тече хронологијата на почнување на самиот пат на главоболката, понатаму и можните придружни симптоми.
Некои од мигрените одат со аура, односно одредени симптоми, кои претскажуваат дека ќе се случи тој мигренски напад, така што добро земената анамнеза, добриот невролошки преглед и потребните, ако се потребни, дополнителни иследувања со дополнителни радиолошки техники, тоа е доволно за да се постави оваа дијагноза – истакна д-р Божиновски.

Македонски


