Skip to main content

Исхраната со овошје и зеленчук може да спречи милиони прерани смртни случаи во светот

Исхраната богата со овошје и зеленчук, а со помалку месо и млечни производи, би можела да спречи околу 15 милиони прерани смртни случаи низ целиот свет секоја година, покажува нова анализа на Комисијата ЕАТ-лансет (EAT-Lancet Commission) со седиште во Осло, Норвешка.

Здравата исхрана на цела планета е поврзана со намалена опасност од предвремена смрт за 27 отсто, како и со пониски нивоа на срцеви заболувања, рак, дијабетес и други хронични заболувања, се вели во извештајот од Комисијата за 2025 година. Оваа исхрана е претежно составена од интегрални житарки, овошје, зеленчук, јаткасти плодови и мешунки, како што се леќа и грав, со само умерени или мали количини риба, млечни производи и месо.

„Во мигов, сите диети во државава значително отстапуваат од планетарната здрава исхрана, но промената кон овој модел би можела да спречи приближно 15 милиони смртни случаи годишно (27 отсто од вкупните смртни случаи низ целиот свет). Таквата транзиција би ги намалила стапките на многу специфични незаразни болести и би промовирала здрава долговечност“, велат истражувачите.

Тие посочија и на еколошките придобивки од тој начин на исхрана, велејќи дека таа би можела да ја намали побарувачката за храна што бара многу повеќе ресурси, како што е црвеното месо. Со тоа, ќе се намалат стакленички гасови и употребата на земјиште и вода.

Диетата препорачува луѓето да јадат интегрални житарки (околу 150 грама), овошје и зеленчук (500 г.), јаткасти плодови (25 г.) и мешунки (75 г.). Може да вклучува умерен внос на храна од животинско потекло, како што се црвено месо (до 200 г.), живина (до 400 г.), риба (до 700 г.), јајца (3 – 4 неделно) и млечни производи (до 500 г. млеко, јогурт или сирење дневно).

Диетата, исто така, бара ограничување на додадените шеќери, заситени масти и сол, коишто често се наоѓаат во преработената храна.

Д-р Хелен Крокер, помошник-директор за истражување и политика во Светскиот фонд за истражување на ракот, вели дека Комисијата го објаснува виталниот предизвик за поддршка на здрава исхрана одржлива и достапна за сите на светско ниво.

Здравата исхрана на цела планета наведена во овој извештај е поврзана со подобрени здравствени исходи – а истражувањата што ги финансиравме, исто така, ја поддржуваат таквата исхрана за луѓето по дијагноза на рак. Охрабрувачки е што здравата исхрана може да се усогласи со најодржливата во светот, но сега треба да видиме како земјите спроведуваат политики за подобрување на пристапот до нив, изјави д-р Крокер.

Извештајот открива дека сегашните глобални системи за преработка на храна придонесуваат за 30 отсто од испуштањето стакленички гасови и се „најголемиот двигател на прекршувања на планетарните граници“ преку нивното влијание врз климата, биоразновидноста, потрошувачката на свежа вода и промените во начините на користење на земјиштето. Планетарните граници се дефинирани како прагови што го одржуваат системот за „животна поддршка“ на планетата – стабилен и здрав за луѓето.

Истражувачите велат дека, иако има доволно храна произведена на глобално ниво, речиси половина од осумте милијарди луѓе (околу 3,7 милијарди) во светот немаат сигурен пристап до здрава храна, до чиста животна средина, ниту заработуваат доволно за живот. Исхраната на најбогатите 30 насто од светското население, се вели, е одговорна за приближно 70 отсто од вкупните еколошки притисоци предизвикани од системите за храна.

Преобразувањето на системите за храна е значаен еколошки и општествен предизвик, но тоа е предуслов за да имаме шанса да се вратиме во рамките на безбеден климатски систем и здрава планета, рече Јохан Рокстром, со-претседател на комисијата и директор на Институтот за истражување на влијанието врз климата во Потсдам, Германија. – Начинот на којшто произведуваме и консумираме храна влијае на воздухот што го дишеме, водата што ја пиеме, почвата каде што растат нашите култури и здравјето и достоинството на работниците и заедниците, додаде тој.

Наодите посочуваат дека ако целиот свет се префрли на планетарна здрава исхрана и има силни климатски политики за намалување на штетните материи во сите сектори, стакленички гасови би можеле да се намалат за повеќе од половина – што е еквивалентно на отстранување на ипуштањата од сите електрани на јаглен на светско ниво.

Меѓународната Комисија, исто така, повика на акција за заштита на останатите шуми, мочуришта и други природни живеалишта за зачувување на биоразновидноста. Во извештајот се вели и дека владите може да преземаат дејствија за поттикнување на јадење здрава храна, вклучително и преку даноци на нездрави производи, а воедно и да понудат субвенции за производството на овошје и зеленчук.

Поврзани вести