Skip to main content

На 14 февруари почнува со работа нова онлајн радио станица „Стереолаб“

На 14 февруари (петок), започнува со работа новата онлајн радио станица „Стереолаб“. Радиото ќе го означи стартот со музички настан во 21 часот во Лабораториум, кој ќе обедини настапи во живо на осум македонски музички автори од поновата генерација (Глигор Кондовски, Алембик, Јоана, Стој После!, Вагина Корпорејшн, Огнен Златанов, Светлост и Лепи Џони) со изведба на нови композиции и диџеј сетови на М.И.К и Дарко Јорданов.

Влезницата е 100 денари.

Идејата и иницијативата за Стереолаб произлезе од Мирко Попов и КЦ Лабораториум. Беше неопходен нов градски електронски медиум со дефинирана и квалитетна музичка преференца, која на слушателите ќе им ги доближува современите развојни текови, пред се, од локалната, потоа и од светската сцена. Како долгогодишен радио водител, другар и соработник на Попов, во соработка со Лабораториум, ја продолживме и доразвивме оваа иницијатива на ново градско радио, кое ќе почне да емитува програма од 14 февруари.“, вели Дарко Јорданов, уредник на онлајн радиото Стереолаб.

„Стереолаб“ е нов македонски електронски медиум, кој ќе ја промовира современата култура, како двигател на нови идеи и квалитетен јавен простор за различни генерации граѓани. „Стереолаб“ е музичко радио, кое во фокус ја става домашната квалитетна авторска музичка продукција и сцена, а ќе негува и промовира тековни и веќе познати музички тенденции од целиот свет.

Онлајн радиото нуди единствена програма, која ќе комуницира со различни генерации слушатели. Фокусот е на младата и средна генерација слушатели, така што и авторите и водителите на различните музички емисии се од оваа возрасна група.

Станува збор за 15-тина музички соработници, најголемиот дел од нив се веќе докажани и искусни радио водители, музичари, диџеи и издавачи на музика, помеѓу кои: Марија Каева, Александар Гавровски, Дарко Јорданов, Александар Алексовски, Нино Наумов, Виолета Качакова, Божидар Јовановиќ, Ивана Драгшиќ, Илина Ангеловска, Виктор Рубен, Теа Шалдева, Елизабета Пољоска, Биљана Црвенковска, Дени Омерагиќ, Душко Јаневски, Божидар Видоески, Вангел Ноневски и други. Емисии ќе имаат и претставници на младата генерација музичари, чие време допрва доаѓа, помеѓу кои: Марко Кочишки, Емир Јашаров, Андреја Салпе, Гола Планина Колектив…

Програмската шема на Стереолаб се состои од дневна информативна програма „Разумен град“, која низ музика ќе промовира информации посветени на актуелните културни настани во градот и земјава и ќе има гостувања на граѓани, кои креираат и промовираат култура во различни јавни сфери поврзани со квалитетното живеење. Една од порелевантните емисии ќе биде „Македонската топ листа“, која има за цел да го трасира патот за новите македонски таленти и да промовира она што е нова, квалитетна и алтернативна домашна музика.

Посебна емисија ќе биде посветена на Мирко Попов, во која, водителите, негови блиски пријатели и соработници ќе споделуваат дел од нивната музичка приказна, влијание и музика, која Мирко ја создаваше и почитуваше.

Интеркултуралноста е значаен дел на радиото, кое ќе има програма и на албански јазик, а во соработка со дел од амбасадите во земјава во подготовки се и емисии на француски, германски и италијански јазик. Попладневните и вечерни часови ќе бидат исполнети со авторски емисии, кои ќе третираат посебни музички стилови и емисии кои ќе третираат литература и книжевно издаваштвото, феминизам и родова еднаквост, екологија… Полноќните часови се резервирани за музички листи изработени од соработниците на радиото, а во перспектива е и развој на емисија за класична музика.