
Над 100 моторџии од повеќе градови низ државава денеска се собраа во Градски парк кај фонтаната, каде се одржа мото дефиле по повод Меѓународниот ден на семејството, во организација на Мото клубот „Вепар“ и СОС Детско село.
Моторџиите со ова дефиле ја потсетија јавноста дека семејството не е само место каде што растеме, туку чувство на сигурност, грижа и припадност.
За нас ова дефиле не е само возење, туку начин да покажеме дека како заедница можеме да застанеме зад децата и младите на кои им е потребна поддршка. Секое дете заслужува да почувствува дека некој е тука за него“, порачаа од Мото клуб „Вепар“ за МИА.

Учесниците со заедничко возење испратија порака за солидарност, заедништво и грижа кон децата и младите, особено кон оние без родителска грижа и од ранливи категории.
Според организаторите целта на настанот е подигнување на јавната свест за значењето на семејството и потребата од континуирана поддршка на децата и младите.
Од Мото клуб „Вепар“ пак потенцираат дека и во иднина ќе продолжат со вакви активности кои имаат хуманитарен карактер и придонесуваат кон зајакнување на заедницата.

Од СОС Детско село порачаа дека за децата и младите кои растат без родителска грижа, поддршката од заедницата значи многу повеќе од симболичен гест. Таа е порака дека не се сами, дека некој ги гледа, ги слуша и верува во нивната иднина.
Семејството е првата сигурност на едно дете. Кога таа сигурност недостасува, наша заедничка одговорност е да создадеме средина во која децата и младите ќе почувствуваат дека припаѓаат, дека се важни и дека имаат поддршка да растат и да се развиваат“, нагласуваат од СОС Детско село
Во изминатите 25 години, СОС Детско село помогнало да се променат 6.090 животи на деца, млади и семејства кои добиле нова шанса за посигурна иднина.

Македонски

