Skip to main content
Омаж на Анте Поповски по повод 95 години од раѓањето

„Време, води“ на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ на Столе Попов денеска во Кинотека

Во рамките на Омажот по повод 95 години од раѓањето на Анте Поповски, кој од 3-6 јуни се одржува во Кинотеката на Македонија вечерва ќе бидат прикажани филмовите 

„Време, води“ на Бранко Гапо. Филмот ја раскажува животната приказна на Петар Ќушко и неговите соселани од селото Сушево судбински е поврзана со недостигот на вода неопходна за живот. Со благослов на попот, селаните од Сушево го свртуваат течението на реката и ја крадат водата на селаните од селото Каменово. Во тепачката што следи учествуваат селаните од двете села, заедно со нивните попови.
Заради нарушување на јавниот ред и мир, селаните се предадени на судот. Судијата е поткуплив и тој пресудува во полза на оние што ќе платат поголем поткуп. Така водата ја добиваат селаните од Каменово. Во Сушево проблемот за вода кулминира и селаните не сакаат да го плаќаат данокот за вода кога веќе ја немаат. Меѓу нив е и Петар Ќушко, воденичар без вода. Селаните сакаат да демонстрираат пред началството во Струга, но жандармите ги растураат уште на излезот од селото…

„Црвениот коњ“ на Столе Попов. Дејството на филмот се одвива од крајот на Граѓанската војна во Грција до почетокот на 1960-тите години. Во филмот се прикажува тешката судбина на Борис Тушев и неговите другари кои ја трпат тортурата на официјалната власт.
Творечкиот ангажман на режисерот Попов, во овој филм е свртен кон историската тематика, која и дотогаш беше една од битните ознаки на македонската филмска поетика. Така, временскиот период што го зафаќа драмското дејство на филмот се протега од крајот на Граѓанската војна во Грција, па преку зенитот на сталинизмот во Советскиот Сојуз и сталиновата смрт во почетокот на педесеттите години, па сè до почетокот на шеесеттите години.
Снимателот Бранко Михајловски и сценографот Властимир Гаврик – успешно во реалистичка смисла, а и максимално функционално во драматуршка смисла – успеваат мошне сугестивно да му ги пренесат на гледачот искуството и креативната надградба на оваа драматична сторија. Некаде во овие драматуршки текови се наоѓа и музичката придружба на филмот, дело на композиторот Љупчо Константинов.
„ЦРВЕНИОТ КОЊ е жесток филм за егзилот, во режија на Столе Попов… Со голема уверливост Бата Живоиновиќ игра херојски партизански борец кој обесхрабрен се откажува од сè, со цел да се врати дома, но само за да најде туѓа земја каде што повеќе не припаѓа.“ Со овие пофални зборови Linda Gross, филмската критичарка на влијателниот L.A.Times го опиша токму овој филм на режисерот Попов.

Поврзани вести