Skip to main content

Ристовски: Иџе повторно ги поместува границите – Македонија добива нова причина за гордост

Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со премиерот Христијан Mицкоски, денеска присуствуваше на промоција на новото натпреварувачко возило на најуспешниот македонски автомобилист Игор Стефановски – Иџе, со кое тој ќе настапува во претстојната натпреварувачка сезона.

Настанот, кој се одржа на Водно, означи почеток на едно ново поглавје во кариерата на македонскиот автомобилист кој со години е синоним за врвни резултати, професионализам и промоција на Македонија на европските патеки.

Министерот Ристовски истакна дека успесите на Игор Стефановски се инспирација за младите генерации и доказ дека со посветеност, дисциплина и упорност македонските спортисти можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во Европа.

-Иџе со години е еден од најсилните амбасадори на македонскиот спорт. Секој негов настап е промоција на нашата држава, а секој негов успех е успех на Македонија. Министерството за спорт ќе продолжи да ги поддржува спортистите кои со својата работа, резултати и професионален однос ја афирмираат државата на меѓународната сцена. Верувам дека и оваа сезона ќе донесе нови победи и ќе испише уште едно значајно поглавје во историјата на македонскиот автомобилизам – изјави министерот Борко Ристовски.

Новото натпреварувачко возило претставува значаен чекор во кариерата на Игор Стефановски – Иџе и е дел од подготовките за новите предизвици на европската сцена, каде што македонскиот шампион и оваа сезона ќе се бори за највисок пласман.

Поврзани вести