Skip to main content

Дрон со детонатор предизвика аларм на аеродромот во Лајпциг

Безбедносна тревога беше прогласена ноќеска на аеродромот Лајпциг/Хале откако во близина на пистата беше пронајден дрон со пакет што содржеше детонатор, што предизвика привремен прекин на летовите и пренасочување на неколку авиони.

Според германскиот весник „Билд“, дронот е откриен кратко пред полноќ во непосредна близина на украинскиот товарен авион „Антонов“.

Непозната супстанца со детонатор била прикачена на него, поради што истражителите го окарактеризирале предметот како можна импровизирана експлозивна направа.

Експерти за експлозивни направи од федералната полиција и робот за деактивирање бомби беа испратени на местото на настанот.

Поради инцидентот, воздушниот сообраќај беше привремено прекинат, а некои летови беа пренасочени, објави „Шпигел“.

Јужната писта остана затворена до утрото поради истрагата, додека северниот дел од аеродромот беше повторно отворен за сообраќај.

Случајот е окарактеризиран како инцидент од важност за националната безбедност.

Службениците истакнуваат дека нема непосредна опасност за граѓаните и дека истрагата продолжува.

Аеродромот во моментов не е затворен и воздушниот сообраќај се одвива нормално.(МИА)

Поврзани вести