Skip to main content

„Вокален и пијанистички огномет“ за роденденот на „Охридско лето“

Со вокален раскош,  пијанистичка виртуозност и уметничка енергија, „Охридско лето“ го одбележа својот 66. роденден. Во прекрасната „Света Софија“ каде и започна приказната за „Охридско лето“, фестивалската публика имаше можност да ужива во впечатливиот настап на Мајан Лихт, контратенор од Израел и Пшемек Виницки, пијанист од Полска, уметници кои со својата интерпретација донесоа посебна енергија и уметничка емоција на фестивалската сцена.

-Роденденот на „Охридско лето“ секогаш е посебен момент за нас, затоа што го славиме она што е суштината на фестивалот – уметноста, врвните уметници и публиката. Годинава овој значаен ден го одбележавме со два исклучителни уметници, Мајан Лихт и Пшемек Виницки, кои приредија концерт исполнет со виртуозност и емоција. Особено ми е драго што и оваа година роденденската вечер беше пред полна „Света Софија“ и што публиката заедно со нас го сподели овој убав момент. Тоа е најголемата потврда дека традицијата на „Охридско лето“ продолжува да живее, вели директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Лихт, еден од највозбудливите вокални уметници на денешницата, со својот специфичен глас и впечатлива сценска интерпретација донесе несекојдневна музичка енергија. Неговата вокална виртуозност дојде до израз во внимателно одбраната програма, која ги обедини барокот, романтизмот и познатите оперски нумери.

-Се радуваме што настапуваме на 66. Роденден на „Охридско лето“. Станува збор за култен фестивал што постои толку многу години и на кој секоја година  доаѓаат врвни  уметници, а тука сме и ние,  изјави талентираниот Лихт по завршувањето на концертот.

Во акустичниот амбиент под сводовите на црквата одекнаа дела од Хендл, Броши, Глинка, Шимановски, Персл и Бизе, меѓу кои „Ombra mai fu“, „Venti, turbini“, „Lascia ch’io pianga“, „The Cold Song“ и „Хабанера“ од „Кармен“.

Посебен дел од вечерта беше посветен на пијанистичката виртуозност. Пшемек Виницки се претстави со дела од Менделсон и Бетовен, меѓу кои и прочуената „Патетична“ соната, внесувајќи дополнителна динамика и раскош во роденденската концертна програма.

Роденденската вечер во „Света Софија“ заврши со долг аплауз од публиката, која со воодушевување ги поздрави уметниците и нивната извонредна изведба.

Поврзани вести