Skip to main content

Повеќе од 1.700 починати од ебола во источниот дел на Конго, епидемијата продолжува да се шири

Повеќе од 1.700 луѓе починале од ебола во источниот дел на Демократска Република Конго, а епидемијата се шири побрзо отколку што здравствените власти можат да ја следат, соопштија надлежните.

Заклучно со вчера се регистрирани 3.802 случаи на зараза, од кои 1.707 завршиле со смртен исход.

Генералниот директор на Африканските центри за контрола и превенција на болести, Жан Касеја, при втората посета на градот Бунија во близина на жариштето на епидемијата во покраината Итури, изјави дека засега не се знае кога епидемијата ќе го достигне својот врв.

Се очекува генералниот директор на Светска здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, да пристигне во главниот град Киншаса, а во текот на неделата да ја посети и Бунија.

Епидемијата прогласена на 15 мај е поврзана со вирусот Бундибуџо, за кој засега нема одобрени вакцини или специфични терапии. Одговорот на здравствените власти е дополнително отежнат поради доцнењето во следењето на контактите, тешкиот пристап до зафатените подрачја, недовербата на локалното население и присуство на вооружени групи во регионот.

Најголемиот дел од случаите, речиси 90 проценти, се регистрирани во покраината Итури, но заболени има и во уште пет покраини, меѓу кои и во Кисангани, еден од најголемите градови во земјата.

Регионалниот директор на СЗО за Африка, Мохамед Џанаби, изјави дека Агенцијата на Обединетите нации сега врши тестирања повеќе од две илјади примероци дневно, наспроти дваесеттината на почетокот на епидемијата.

Според здравствените власти, оваа епидемија на ебола бележи побрз раст на бројот смртни случаи од која било претходна, вклучително и онаа од 2014 до 2016 година, кога беа регистрирани околу 28 илјади случаи и повеќе од 11 илјади починати. На таа епидемија и беа потребни околу осум месеци за бројот жртви да достигне илјада.

Поврзани вести