
Водостојот на Дунав во Бугарија продолжува да опаѓа и се наоѓа на историски минимум, што ја отежнува пловидбата и сите активности поврзани со реката.
Според податоците на Извршната агенција за истражување и одржување на реката Дунав, најниското ниво е измерено во близина на Русе, од-94 сантиметри.
Мерењата покажаа -85 сантиметри во Орјахово, -77 сантиметри во Силистра, -62 сантиметри во Ново Село, -40 сантиметри во Свиштов и-23 сантиметри во Видин, додека во Никопол е забележано ниво од два сантиметри над референтната нула, пренесува порталот „Новините“.
Водостојот достигна-218 сантиметри во Козлодуј, каде што се наоѓа истоимената нуклеарна централа. Пловидбата по реката е ограничена, а прогнозите укажуваат на тоа дека условите би можеле дополнително да се влошат во наредните денови, посебно околу островите Батин, Вардим и Белене.
Директорот на Извршната агенција, Ивелин Занев, вели дека се очекува нискиот водостој да продолжи во текот на целиот август.
- Акумулациите на браните Ѓердап 1 и Ѓердап 2 не се целосно полни, што значи дека дури и дополнителните испуштања вода би имале само ограничено влијание врз водостојот на реката – рече тој.
На Дунав останаа насукани три товарни брода, додека пловидбите на бродовите за крстарење долж бугарскиот дел од реката се прекинати.
Нуклеарната централа „Козлодуј“ засега работи непречено, а властите велат дека во моментот не постои ризик од нејзино затворање. Министерката за енергетика Ива Петрова вчера ја посети централата, по што изјави дека таа е способна да продолжи со нормална работа во наредните недели дури и ако моменталните услови на реката останат непроменети, како и дека не постои непосредна опасност за производството на електрична енергија во единствената нуклеарна централа во земјата.
Таа додаде дека посебна работна група го следи нивото на водата и спроведува мерки за непредвидени ситуации уште од почетокот на јули со цел да одговори на продолжениот пад на водостојот, како и дека ќе ја проценува ситуацијата и ќе презема чекори за да обезбеди непречено функционирање на централата доколку нискиот водостој продолжи.

Македонски


