
Синоќа во Амфитеатарот во Струмица, во присуство на огромен број филмски љубители, Градоначалникот на Општина Струмица Петар Јанков го отвори 21. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, а основачот и директор на „Астерфест“ Горан Тренчовски ѝ ја врачи наградата „Астер“ на овогодишната лауреатка Синоличка Трпкова. Во прекрасен амбиент, на првата фестивалска вечер беа прикажани кратки филмови од маратонската натпреварувачка програма, а веднаш потоа следуваше проекцијата на британскиот документарец „Версус: животот и филмовите на Кен Лоуч“.
„Астерфест ми причини невообичаена радост со тоа што одлучи да го вброи моето име покрај Мигел Ермосо, Карољ Вичек, Данчо Чеврески, Пиро Милкани, Желимир Жилник… Оваа награда дејствително гради однос на доверба, која, пак, оди рака подрака со одговорноста. Прва и досега единствена јавно покажана доверба во мене овде, дома, после повеќе децении академска, филмска и театарска дејност“, изјави неодамна Трпкова.
Вториот фестивалски ден продолжува денес, во 11 часот, со Тивериополската филмска посета на Манастирот во Велјуса. Вечерта од 20:30 часот ќе се прикажат уште 7 кратки филма од натпреварувачката селекција, меѓу кои и два македонски, по што следува проекција на долгометражниот филм на Митко Панов „Железна тврдина“ во македонско-швајцарско-американска копродукција.
Утре, во 11:00 часот, во Младинскиот центар, на програмата е уште еден промотивен филмски настан со претставување на неколку изданија. Сузана Мицева ќе се осврне кон книгата „Аспекти на филмската режија“ од Антонио Митриќески, за монографското издание „70 години македонски филмски плакат 1952 – 2022“ на Кинотека на Македонија ќе зборува Арсим Лесковица, кон антологијата „Кинестетични раскази“ ќе се осврне Мимоза Рајл, а ќе биде претставено и ДВД-то „Нефилм“ по повод 120 години од раѓањето на Семјуел Бекет. Веднаш потоа ќе има разговор со авторот Митко Панов, кој ќе сподели мигови од своето режисерско искуство.

Македонски


