
Продолжува изградбата на базенот во Струмица, како дел од инвестициите во спортската инфраструктура. Министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот Петар Јанков извршија увид на терен, при што беше потврдено дека работите се одвиваат според планот. Базенот, вреден 50 милиони денари, се очекува да биде завршен до крајот на јануари 2027 година и по пуштањето во употреба ќе биде на располагање на учениците, спортистите и граѓаните.
Како што соопштуваат од Министерство за спорт, при увидот, Ристовски ја истакнал заложбата на Владата и на Министерството за спорт да се завршат сите почнати проекти кои биле претходно неоправдано запоставувани и тие да бидат ставени во функција на граѓаните.

Ова е уште една потврда за нашата решеност да ги завршиме сите проекти започнати од претходната влада пред многу години и да го подобриме квалитетот на живот на сите оние кои сакаат да се занимаваат со спорт и рекреација. Станува збор за инвестиција од 50 милиони, која е целосно обезбедена од Владата на Република Македонија и Министерството за спорт. Инвестициите во спортска инфраструктура се еден од нашите приоритети – изјави министерот Борко Ристовски.
Откако ќе биде завршен и пуштен во употреба, базенот ќе биде предаден на општина Струмица и ќе биде ставен на располагање на учениците и на граѓаните. Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков ја истакна добрата соработка и упати благодарност до Министерството за спорт за реализацијата на овие важни инфраструктурни проекти.
Голема благодарност до Министерството за спорт за реализацијата на досегашните проекти и за проектите на кои ќе работиме заедно во иднина. Овој базен ќе може да го користат учениците, спортистите и сите граѓани и ќе биде од голема важност за развојот на спортот во нашиот град – рече Јанков.
Базенот во Струмица, почнат од поранешната Агенција за млади и спорт, минатата година беше повторно активиран од Министерството за спорт како дел од приоритетите за развој на спортската инфраструктура.

Македонски

