Во чест на Македонецот кој загина при падот на настрешницата во Нови Сад, научникот Васко Саздовски, неговиот матичен извиднички одред, „Гоце Делчев“ од родното Свети Николе организираше меморијал кој го носи неговото име.
Овој прв меморијал „Васко Саздовски“ одржан во с. Орел, е посветен на нашиот драг извидник, но пред сѐ верен другар — Васко Саздовски – велат извидниците
Отворањето на меморијалот започна со минути посветени токму на Саздовски. Додека на видео-бим се гледаа фотографии од активностите на Саздовски со новинарите, извидниците му оддадоа почит со пригодно обраќање:
Мотивиран, исполнителен, перфекционист – така го паметиме Васко Саздовски, еден од најдобрите, ако не и најдобар извидник во ИО Гоце Делчев Свети Николе. Горди сме што го имавме, како извидник, како водич, и пред сѐ како пријател.
Васе има голема историја во Одредот. Беше задоволство да се биде во неговата екипа која не знаеше за неуспех. Беше вистински лидер, да те мотивира, да те води, да те крене кога мислиш дека веќе не можеш и сакаш да се откажеш. Знаеше да најде решение во секоја криза. Знаеше да понесе товар на свој грб кога другиот не може.
Извидниците кои имаа можност за извидништвото да учат од Васко, велат дека научиле многу за животот, научиле да се почитуваат, помагаат и дека за успех е потребна жртва, работа и желба. Тоа го опишува и Васко како човек!
„Од тебе научив дека линијата на минимален отпор е за слабите и неспособните, од тебе научив дека кога не си нечие дете, патот ќе биде тежок и со болки за кои мораш да најдеш сила да ги истрпиш, но дека тоа што ќе го постигнеш ќе биде твое, нема да го должиш на никој и никој не може да ти го земе и оспори. Од тебе учев за животот, за истрајноста, за тоа дека е важно да имаш вистински вредности за да не те зароби жабокречината на ова медиокритетско општество. Поради тебе ја засакав природата, планината и верувам дека поради тебе и твоето позитивно влијание кое никогаш не си сакал да го наметнеш, сум станал подобра личност“ – ќе каже еден од „извидниците на Васе“.
Васко Саздовски меѓу извидниците
Беше еден од најдобрите, ако не и најдобар ориентатор во периодот кога најактивно учествуваше во извидничките извиднички средби, од 1996 до 2000 година. Како водич на екипа освои три Републички извиднички ориентациони натпревари и едно трето место. Немаше извиднички средби на кој неговата екипа не зема некое од првите три места, а најчесто беше прво! За него не важеше она – битно е да се учествува! За него важеше само – мора да се победи! Ги изработуваше сите материјали, кроки беше негово омилено, но ништо послаб не беше ниту во скица на пат, профил на терен… Неговите материјали и денеска служат како пример за младите извидници во одредот.
Животот го однесе на друга страна, иако многу блиска до она во што беше најдобар – извидништвото. Се посвети на Воената академија каде заврши онака како што знаеше, како првенец. Понатамошните надоградби на професионален план не беа пречка за да не посети, да ни помогне, да се вклучи во организација на некоја активност. Иако не живееше во Свети Николе, при секое доаѓање во родното место наоѓаше време за да поразговара со новите извидници, да ги обучи, да подготви некоја нова интересна патека. Еднаш извидник секогаш извидник!
Васко недостасува! Недостасува како извидник, како сограѓанин, како човек. Овој меморијал кој го носи неговото име е нешто што најмалку можевме да сториме за да зачуваме спомен за она што тој го направи Васко за нашиот одред и нашите извидници.
Васе замина, но не замина од нашите срца. Физички го нема, но остави наследство кое ќе живее кај секого од нас. Нека меморијалот „Васко Саздовски“ биде паметник на големиот љубител на природата, на најмотивираниот извидник, на големиот човек кој прерано го загубивме!
Нема да кажеме збогум, нема да кажеме слава ти! Се уште го слушаме твојот глас како изговара:
СО ИЗВИДНИЧКИ ПОЗДРАВ
ЗДРАВО
Во чест на Васко Саздовски беше организиран и настап на неговиот внук Стефан Ефремов, финалист од музичкото IDJ Show.
На меморијалот учестуваа повеќе екипи од различни одреди во земјата, а најдобри беа Извидничко поречанскиот одред „Јадран“.