
Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека Украина официјално обезбедила три системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ од своите сојузници, а во тек се разговори за набавка на уште седум.
„Имам официјална потврда од Германија за два системи и од Норвешка за еден. Разговараме и со нашите партнери од Холандија“, изјави Зеленски во четвртокот пред новинарите.
Овие системи се покажаа како клучни во одбраната од руските балистички ракети, кои редовно се насочуваат кон украинските градови, нагласи Зеленски.
Покрај безбедносните предизвици, Украина следната година се соочува и со сериозни финансиски потреби. Според претседателот, државата ќе мора да покрие буџетски јаз од 40 милијарди долари. Дополнително, ќе бидат потребни околу 25 милијарди долари за производство на ракети, дронови и системи за електронско војување.
Претходно овој месец, американскиот претседател Доналд Трамп најави дека САД ќе испратат воена помош во вредност од неколку милијарди долари за Украина, вклучително и ракети „Патриот“. Ова отвори простор за интензивирање на координацијата и со другите меѓународни партнери.