Skip to main content

Зеленски му пиша на Путин, предлагајќи крај на војната, Кремљ експресно му врати

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во отворено писмо до Владимир Путин предложи директна средба меѓу двајцата лидери, со цел да се отвори пат кон прекин на војната во Украина.

Во писмото, објавено на 4 јуни, Зеленски наведува дека Украина предлага завршување на војната преку директен ангажман меѓу Киев и Москва. Тој предлага средбата да се одржи во неутрална земја, меѓу можните домаќини ги наведува Швајцарија, Турција и земјите од арапскиот свет.

Украинскиот претседател оценува дека не треба да се чека војната во Европа повторно да стане главен фокус на САД, во услови кога Вашингтон е насочен кон ситуацијата околу Иран. Според Зеленски, клучните прашања не може бесконечно да се одложуваат преку технички формати, посредничка дипломатија и работни групи.

Како почетна точка за преговори, Украина предлага целосен прекин на огнот за време на разговорите, како и размена на воени заробеници по принципот „сите за сите“. Зеленски во писмото бара и сериозни чекори за враќање на цивилите и децата однесени од Украина за време на војната.

Кремљ потврди дека го примил писмото.

Рускиот претседател Владимир Путин ѝ порача на Украина дека претседателот Володимир Зеленски може да отпатува во Москва доколку сака директни разговори, изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, по иницијативата на Киев за средба меѓу двајцата лидери.

Песков соопшти дека Кремљ го разгледал отвореното писмо од Зеленски со повик за тет-а-тет средба со Путин, при што информирал дека за него е поднесен извештај до рускиот претседател.

Според него, Москва не ја преценува улогата на САД во обидите за завршување на конфликтот, додавајќи дека руските национални интереси остануваат приоритет.

Предлогот доаѓа во период кога мировните иницијативи околу Украина се движат бавно, а позициите на Киев и Москва остануваат далечни. Украина одбива отстапување територија како услов за мир, додека Русија и понатаму инсистира на политички и територијални барања што Киев ги смета за неприфатливи.(МИА)

Поврзани вести