Skip to main content

Спајиќ: Во Црна Гора нема да се гради прифатен центар за мигранти од земјите на ЕУ

Премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ денеска изјави дека во неговата земја нема да се гради прифатен центар за илегални мигранти.

– Црна Гора не преговарала за воспоставување на вакви центри на своја територија, а владата не добила официјална иницијатива за нивно отворање, а кога таа иницијатива ќе биде на маса, нашиот одговор ќе биде негативен, објави Спајиќ на платформата Икс.

Тој додаде дека Црна Гора останува сигурен партнер на Европската Унија во заштитата на заедничките граници, како и во управувањето со миграциските движења.

– Сепак, секоја одлука што се однесува на нашата земја ќе се носи одговорно, транспарентно и исклучиво во согласност со интересите на граѓаните на Црна Гора, посочи Спајиќ.

Според италијанските медиуми, Црн Гора била на прелиминарниот список на држави во кои ЕУ би формирала центри за прифаќање и репатријација на илегалните мигранти.

Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Пјантедози наводно ќе го презентира планот пред колегите од земјите-членки на ЕУ на вонреден состанок.

Според италијанската новинска агенција Анса, стратегијата на владата на Џорџа Мелони се заснова на проширување на веќе постоечкиот „албански модел“ во други земји што се надвор од границите на ЕУ.

Како што наведе Анса, клучната разлика помеѓу договорот на Рим со Тирана, новите центри би биле финансирани директно од европските фондови и заедничкиот буџет на ЕУ.

Покрај Црна Гора, на списокот на потенцијални земји во кои би се граделе објекти за сместување и обработка на документација се и Тунис, Либија, Египет, Руанда, Гана, Сенегал, Мавританија, Уганда, Узбекистан, Ерменија и Етиопија.

Поврзани вести