
Светската ѕвезда Рики Мартин ќе настапи на Плоштадот на независноста во Подгорица, како дел од прославата на две децении од независноста на државата Црна Гора – 21 мај.
Ова беше објавено на официјалната Фејсбук страница на Владата на Црна Гора.
„Координативното тело за организација на прославата на дваесетгодишнината од обновувањето на независноста на Црна Гора со гордост го најавува централниот настан од јубилејната програма на прославата. По повод оваа историска годишнина, Плоштадот на независноста во Подгорица ќе биде сцена за еден од најзначајните музички настани во модерната историја на регионот на 21 мај – концерт на светската музичка икона, Рики Мартин“, се вели во соопштението.
Владата вели дека овој „извонреден уметнички настан“ е замислен како подарок од државата за граѓаните на Црна Гора.
„Доаѓањето на уметник чие име симболизира врвна продукција и универзален музички јазик ја потврдува намерата на државата да прослави две децении од враќањето на независноста на величествен начин. Рики Мартин, добитник на престижната награда MTV Latin Icon и повеќекратен лауреат на Греми, ја носи во срцето на Подгорица енергијата што ја редефинираше глобалната музичка сцена“, соопшти Владата.
Тие нагласуваат дека присуството на овој уметник на прославата на дваесетгодишнината од враќањето на независноста на Црна Гора дава дополнителна димензија на церемонијата, истакнувајќи ја Црна Гора како место за средба на врвна уметност.
„Ве покануваме да ни се придружите на Плоштадот на независноста, за заедно, со музика и прослава, да можеме да испратиме порака за Црна Гора како место на култура, просперитет и заедништво“, соопшти Владата.

Македонски



