Skip to main content

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за смртоносниот напад на интернатот во Суџа, во Курскиот регион

Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за смртоносен ракетен напад во кој загинаа најмалку четири лица во интернат во дел од Курскиот регион, во Русија, што е под окупација на украинските сили.

Некои од најжестоките борби во последниве месеци се водеа во Курскиот регион, што граничи со Украина, каде што украинските сили зазедоа делови од територијата од почетокот на големиот прекуграничен упад минатиот август.

Украинските вооружени сили на каналот Телеграм објавија дека Русија лансирала бомба од руска територија која погодила интернат во Суџа, при што загинале најмалку четворица.

Во интернатот имало луѓе кои се подготвувале за евакуација.

Според податоците објавени синоќа во 22 часот по локално време, спасени се или укажана им е медицинска помош на 84 лица. Четворица од повредените се во тешка состојба. Спасувачките напори за расчистување на урнатините продолжуваат.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот врз Суџа, на 12 километри од границата со Украина, покажува како Русија ја води војната.

Тие ја уништија зградата иако таму имаше десетици цивили. Вака Русија водеше војна против Чеченија пред неколку децении. Тие убиваа Сиријци на ист начин. Руските бомби на ист начин ги уништуваат домовите на Украина, рече тој.

Руското Министерство за одбрана рано утринава преку Телеграм објави дека украинските сили извршиле „целен ракетен напад врз интернат во градот Суџа“ од територијата на Украина. Вршителот на должноста гувернер на рускиот Курски регион, Александар Хистајн, исто така, ги обвини силите на Киев за нападот и рече дека се уште нема сигурни информации за бројот на потенцијалните жртви.

Портпаролот на украинската војска Олексиј Дмитрашкивски претходно во видео објавено на Фејсбук изјави дека речиси 100 луѓе се под урнатините, а, како што рече, главно постари и изнемоштени луѓе.

Поврзани вести