
Континуираното бомбардирање и уништување на домови и станбени области во Појасот Газа од страна на Израел е јасно кршење на договорот за прекин на огнот, изјави Хазем Касем, портпарол на палестинската милитантна група Хамас.
Тој ги повика медијаторите да извршат притисок врз Израел „да ги запре овие прекршувања, кои вклучуваат убиства, продолжување на опсадата, ограничување на помошта и продолжување на затворањето на преминот Рафа“, објави саудискиот весник „Ашарк ал-Авсат“.
Палестинската новинска агенција ВАФА вчера објави дека израелските сили продолжиле да го кршат договорот за прекин на огнот, истакнувајќи дека израелското артилериско гранатирање го таргетирало училиштето Ал-Ханса и неговата околина во градот Абасан ал-Кабира, источно од Кан Јунис, како и плажата во близина на бегалскиот камп Нусеират во централна Газа.
Палестинско-американскиот бизнисмен Бишара Бахбах, кој помогна во посредувањето за прекин на огнот со Хамас во Газа, изјави за еден саудиски весник дека Хамас почнал да ја прифаќа идејата за предавање на своето тешко оружје како дел од договорот.
Тој рече дека Вашингтон, исто така, почнал да покажува подготвеност да ја прифати идејата Хамас да го предаде само своето тешко оружје, како дел од поширок концепт за разоружување на групата што се појавува во планот на Белата куќа за прекин на војната во Газа.
Бизнисменот рече дека разговарал со високи американски претставници кои рекле дека постои можност на Хамас да му биде дозволено да чува лесно оружје „за самоодбрана“. Хамас во минатото јасно стави до знаење дека нема да се разоружа освен во контекст на воспоставување палестинска држава.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека е „длабоко загрижен“ од „континуираните прекршувања“ на прекинот на огнот во Појасот Газа, повикувајќи ги сите страни целосно да ги почитуваат одредбите од првата фаза од мировниот договор.
„Овие прекршувања мора да престанат и сите страни мора да ги почитуваат одлуките од првата фаза од мировниот договор“, рече Гутереш на прес-конференција во Доха, одржана на маргините на Светскиот самит за социјален развој, објави „Тајмс оф Израел“.
Прекинот на огнот во Газа е во сила од 10 октомври, како дел од договорот постигнат со посредство на САД, кој предвидува ослободување на сите живи заложници земени за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Сепак, процесот на враќање на телата на починатите заложници напредува побавно од планираното, според извештаите на медиумите.
Израел го обвинува Хамас за кршење на договорот, тврдејќи дека милитантната група го одложува враќањето на телата, додека Хамас вели дека операциите за пребарување се попречени од тешкото уништување на територијата.
И покрај прекинот на огнот, израелската војска наводно постојано ја бомбардирала Газа, тврдејќи дека тоа е „одмазда“ за нападите во кои загинаа тројца израелски војници.

Македонски






