Skip to main content

Масовни протести против расизам и корупција низ Австралија

Фото: Freepik

Најмалку четири протеста се одржаа денеска во Австралија, насочени против корупцијата во владата, расизмот, за правата на домородните народи и во знак на поддршка за Палестинците, објави „Еј-Би-Си Њуз“.

Во Мелбурн, главниот град на Викторија, илјадници луѓе излегоа на улиците за да протестираат против расизмот под силно полициско обезбедување. Викторијанската полиција ги раздвои двете спротивставени групи во близина на Парламентот – од една десничарски поддржувачи и од друга – учесници на Маршот за суверенитет на домородните народи. Некои од демонстрантите против расизмот носеа палестински знамиња и транспаренти со пораки како „Мир за Газа“, изразувајќи солидарност со Палестинците.

Илјадници луѓе маршираа и низ Сиднеј, најнаселениот град во Австралија, во рамки на протестот наречен „Австралија се обединува против корупцијата во владата“.

Околу 500 луѓе протестираа против расизмот и дискриминацијата во Јужен Бризбејн, Квинсленд, каде што исто така се слушаа пропалестински пароли.

Околу 300 лица се собраа пред Парламентот во Хобарт, Тасманија, на протест за суверенитет на домородните народи, носејќи абориџински знамиња и транспаренти.Одделно, неколку стотици луѓе протестираа во Аделаида, главниот град на Јужна Австралија, против расизмот, додека поголема група маршираше против корупцијата во владата. Протестите следуваа по нападот на домородниот камп „Камп Сувереност“ во Мелбурн на 31 август, кога над 40 мажи облечени во црно го нападнаа кампот по антиимиграцискиот собир „Марш за Австралија“.

Поврзани вести