Skip to main content

ЕУ отвора истрага за ВИ четботот Грок поради сексуализирани слики

Европската комисија отвори истрага против американската технолошка компанија X за нејзиниот четбот со вештачка интелигенција Грок, откако тој создаде сексуализирани слики на жени и деца.

Сексуалните дипфејкови (deepfakes) на жени и деца без согласност се насилна, неприфатлива форма на деградација, изјави денеска потпретседателката на Европската комисија, Хена Виркунен.

Истрагата треба да испита дали X ги исполнил своите обврски според законот на Европската Унија, вклучително и должноста „внимателно да ги процени и ублажи системските ризици“, напиша во соопштението Комисијата, која дејствува како дигитален чувар на ЕУ.

Ова вклучува ризици поврзани со ширење на нелегални содржини во ЕУ, како што се манипулирани сексуално експлицитни слики, вклучително и содржини кои можат да претставуваат материјал за сексуална злоупотреба на деца, се вели во соопштението.

Се чини дека овие ризици се материјализираа, изложувајќи ги граѓаните во ЕУ на сериозна штета, се додава во текстот.

Платформата за социјални медиуми на Илон Маск беше подложена на жестоки критики во последните недели откако Грок им дозволи на корисниците дигитално да ја заменат женската облека со бикини и, во некои случаи, да создаваат сексуализирани прикази на малолетници.

По долготрајниот меѓународен револт, X во средината на јануари воведе одредени ограничувања.

Поврзани вести