
Во пресрет на изборите, расте поддршката за кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, чија визија за инклузивен, развиен и современ Центар сè повеќе ги обединува различните заедници.
Денес, Лабудовиќ оствари две исклучително важни и конструктивни средби – со претседателот Миљазим Сакипов и Демократската партија на Ромите, како и со претставниците на Движењето за демократија, права и слобода (ДПС). На овие средби беше потврдена взаемната доверба, заедничката визија и определбата за општина што ќе биде пример за еднаквост, достоинство и меѓусебна почит.
„Нашиот Центар е пример за различност што обединува, и токму во таа различност е нашата најголема сила. За мене, тоа не е само политички став, туку лична определба. Верувам во Центар каде што сите – без разлика на вера, нација, возраст или социјален статус – ќе имаат еднакви можности да живеат подобро, да учествуваат во одлуките и да се чувствуваат вреднувани“, изјави Лабудовиќ по средбата.
Тој истакна дека во наредниот период, заедно со овие партнери, ќе работи на реални решенија што ќе го подобрат секојдневието на граѓаните: подобра инфраструктура, повеќе услови за младите, поддршка за образованието и вработувањето, како и вистинска интеграција на сите заедници во општинскиот живот.
„Центар треба повторно да стане место на доверба и заедништво, општина што слуша, почитува и делува – за секој граѓанин, во секое маало. Со оваа поддршка, испраќаме силна порака дека Центар може да биде симбол на современа, хумана и европска општина што ќе ги обедини луѓето околу доброто, а не околу поделбите,“ додаде Лабудовиќ.
Поддршката од ДПС и Демократската партија на Ромите е потврда дека визијата за Центар како дом на сите добива сè поголема сила и општествено признание. Таа е доказ дека заедништвото и почитта се темелите врз кои може да се гради вистинска иднина.
„Центар е наш заеднички дом. Со заедничка работа, љубов и искреност, ќе го направиме место на еднакви можности, достоинство и гордост за сите негови жители,“ порача Лабудовиќ.

Македонски








