Skip to main content

Сред ноќ фатени како истураат шут и отпад во Аеродром и сред „Рузвелтова“

Вечерва, на три локации во Скопје – две во Аеродром и една во централното градско подрачје, на улицата „Рузвелтова“, беа затекнати лица при нелегално исфрлање шут и отпад, со што директно се загрозуваат животната средина, здравјето на граѓаните и изгледот на нашиот град, сподели градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, порачувајќи дека ќесе постапува против секој кој несоодветно се однесува и дека одговорност ќе има!

Тој додаде дека сторителите се лоцирани, веднаш евидентирани и добија налог во текот на утрешниот ден да се јават во просториите на Град Скопје, каде ќе им биде изречена соодветна глоба согласно законските прописи. Дополнително, наложено им е уште вечерва да го подигнат отпадот и да го однесат на соодветна депонија, со задолжително приложување кантарска белешка како доказ. Доколку тоа не го сторат, ќе следуваат нови санкции.

Сакам да бидам јасен – нема да дозволам поединци да го грдат лицето на Скопје, да го загадуваат просторот во кој живееме и да ја загрозуваат иднината на нашите деца.
За вакви појави нема оправдување.
За вакво однесување нема толеранција.
За уништување на Скопје – ќе има одговорност.
Апелирам до сите граѓани: да го чуваме Скопје како сопствен дом. Да не дозволиме неодговорноста на поединци да ја поништи работата, трудот и желбата на илјадници скопјани кои сакаат чист, уреден и достоинствен град.
Инспекторите се 24 часа на терен и будно го следат секое нарушување на животната средина.
Скопјани не го заслужуваат ова.
Скопје мора да биде чисто.
Скопје мора да биде заштитено.
Скопје мора да биде град со ред, одговорност и почит, порача Ѓорѓиевски.

Поврзани вести