Skip to main content

Антикорупциска за „Скопје 2028“: Не смее да се заобиколува Законот за јавните набавки

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) реагира по најавата дека Собранието по скратена постапка ќе гласа за предлог-законот за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година“.

Предлог-законот е на денешниот дневен ред во Собранието. Според предлогот поднесен од група пратеници, се предвидува Градот Скопје да основа посебна фондација која при своите набавки нема да биде обврзана да го применува Законот за јавни набавки. Предлагачите тврдат дека за спроведување ваков проект е потребен посебен модел на управување кој ќе обезбеди професионална и програмска автономија.

Антикорупционерите, пак, велат дека носењето закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони веќе е препознаено како висок ризик од корупција.
„Обезбедувањето интегритет, законитост, транспарентност и отчетност при трошењето на јавните средства претставува основен предуслов за заштита на јавниот интерес и за спречување на ризиците од корупција.

Секое законско решение со кое се предвидува исклучување или ограничување на примената на системските закони, особено на Законот за јавните набавки, мора да биде јасно, детално и убедливо образложено од аспект на јавниот интерес, неопходноста од ваквото исклучување, неговата пропорционалност и воспоставувањето на ефикасни механизми за спречување на корупцијата и злоупотребата на јавните средства“, велат од ДКСК.
Оттаму порачуваат дека примената на начелата на транспарентност, еднаков третман, слободна и фер
конкуренција, економичност, отчетност, интегритет и ефективна контрола не смее да биде доведена во прашање, независно од институционалната форма преку која ќе се реализира проектот или од неговото значење.

„Доколку законодавецот оцени дека е неопходно донесување на посебно законско решение за реализација на проектот, ДКСК укажува дека истото треба да ги содржи механизмите утврдени со Законот за јавните набавки кои
гарантираат интегритет, законитост, транспарентност, економичност и јавна отчетност. Согласно своите законски надлежности, Државната комисија за спречување на корупцијата и во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 го препозна носењето на закони по скратена постапка со кои се заобиколува примената на системските закони како висок ризик од корупција и предложи мерки и активности за нивно надминување. Дополнително, цениме дека вакви значајни законски решенија задолжително претходно треба да се доставуваат до ДКСК за нивно разгледување од аспект на корупциски ризици“,велат од Антикорупциска.

Претходно и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата повика Собранието веднаш да го прекине донесувањето на законот и побара тој да се достави на разгледување до ДКСК. Платформата алармира дека предлог-законот му дава огромни дискрециски овластувања на градоначалникот, што отвора огромен простор за корупција.

Поврзани вести