
Приватните автобуски превозници во 10 часот ги исклучија од сообраќај своите автобуси. Тие велат дека ќе возат како што веќе објавија од 5 до 10 часот додека не им биде намирен долгот од 90 милиони денари од ЈСП.
-Да се исклучивме во 10 часот и ќе работиме така додека не ни биде исплатен целиот долг. Шест месеци е тешко да се работи без приход, а треба да се исплатат плати за вработените, да се платат придонесите за нив да се купи нафта и да се одржува фирмата. Дополнително и дома треба да се подмират сметките. Ние шест месеци кратиме од приходите на семејствата за да купиме нафта – вели Момчило Тодоровски сопственик на компанијата „Радос Компани“.
Приватните превозници „Јофи Бус“, „Вестор Транс“ и „Радос Компани“ кои сообраќаат во Скопје пред три дена најавија дека од денеска ќе возат само од 5 до 10 часот ако ЈСП не им исплати 90 милиони денари за изминатите шест месеци.
Вкупниот долг на ЈСП кон нив е 170 милиони денари.
Тие тврдат дека добиле информација дека Град Скопје веќе префрлил дел од парите во ЈСП, но не знаат каде јавното претпријатие ги потрошило.