
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош, Сотир Лукровски, оствари средба со министерот за култура Зоран Љутков, при што двајцата разговараа за иднината на културниот и туристичкиот развој на општината.
Лукровски ја нагласи својата посветеност дека културата и туризмот ќе бидат столбови на неговата програма и дека Карпош конечно ќе го добие местото што го заслужува – како општина која живее и твори преку целата година.
Карпош има богат потенцијал, но години наназад културата беше ограничена само на неколку настани. Време е да изградиме сцена што ќе трае 365 дена – театар, музика, филм и спорт во служба на граѓаните“, истакна Лукровски. Тој ја потенцираше важноста на соработката со Министерството за култура и туризам и најави дека заедничките проекти ќе обезбедат долгорочна поддршка за локалните уметници и креативци.
Клучна улога ќе имаат јавните простори: кејот на Вардар, маалските центри и постојните културни објекти кои ќе се претворат во вистински сцени за културен и спортски живот. „Нашата визија е секој дел од Карпош да има свој културен пулс, каде младите, семејствата и уметниците ќе најдат простор за израз и забава“, рече тој.
Во туристички контекст, кандидатот ја истакна стратешката важност на археолошките локалитети Скупи и Аквадуктот.
Овие простори се непроценливо богатство, а со новите истражувања и уредувања ќе станат центри на културен туризам што ќе ја отвори општината кон посетители од целата држава и странство“, додаде Лукровски.
Тој ја нагласи и подготовката за 2028 година, кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата.
Карпош мора да биде во првиот ред на оваа европска приказна. Ќе вложиме во нови манифестации, фасадна уметност, концерти и фестивали, за општината да блесне пред Европа“, вети кандидатот.
Лукровски ја изрази и својата подготвеност за практични решенија во урбаната опрема, спортските терени и сврталишта за младите: редовно одржување на игралиштата, обновување на урбаната опрема, заштита на јавните простори и создавање услови за младите да останат во општината.
Ќе изградиме систем кој не само што ќе создава нови културни содржини, туку и ќе ги зачува постојните. Карпош ќе стане симбол на уреденост, иновација и културен развој“, нагласи тој.
Со оваа визија, Лукровски ја потврди определбата дека неговата иднина како градоначалник ќе биде насочена кон граѓаните, со култура и туризам како двигатели на економскиот, општествениот и духовниот напредок.
Карпош го заслужува најдоброто. Заедно со министерот Љутков и со секој граѓанин, ќе изградиме општина која ќе биде пример за тоа како културата и туризмот можат да ја променат секојдневието“, заврши Лукровски.