Skip to main content

Каја Шукова најавува нов Конгресен центар и Саем

МИА

Главниот град на државата се подготвува за значајна урбана трансформација преку серија инфраструктурни проекти, кои според кандидатката за градоначалник на Град Скопје Каја Шукова, имаат за цел да го позиционираат Скопје како модерен, поврзан и функционален град.

Скопје е град со дух, со историја, но и со огромен неискористен потенцијал. Нашата визија е Скопје да се развива паметно, плански и храбро со јасни цели и вистински проекти што носат промена, истакна Шукова.

Според Шукова, која денеска со кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ Влатко Митовски на плоштадот во Автокоманда ја претставија визијата за Градот и општината, во фокусот ќе им биде изградба на модерен Конгресен центар кој, како што рече, ќе го отвори Скопје кон светот и ќе го постави на мапата на меѓународни конгресни дестинации.

Станува збор за економски, туристички и културен ресурс што ќе го постави нашиот главен град на мапата на конгресни дестинации. Со Конгресниот центар, Скопје може да биде домаќин на големи меѓународни конференции, научни и професионални собири и културни настани. Тоа значи дека Скопје нема да губи настани и инвестиции, нагласи Шукова.

Паралелно, се најавува и проектот за нов Скопски саем во општина Гази Баба, кој ќе ја добие улогата на регионален центар за иновации, туризам и домашна индустрија.

Саемот ќе има модуларни хали, конференциски сали, културни и комерцијални содржини, простор за мали и средни претпријатија, за домашна индустрија и за креативни сектори. Овој проект отвора нови пазари, ги поврзува локалните производители со странски партнери, и создава услови младите да останат и да работат токму тука во Скопје, појасни Шукова.

Во контекст на овие проекти, кандидатот за градоначалник на Гази Баба Митовски ја претстави визијата за Гази Баба како општина со европски стандарди.

Нашата визија за Гази Баба не е само листа на ветувања, туку план со јасни и остварливи проекти што ќе го променат изгледот и квалитетот на живот во општината, истакна Митовски.

Најави изградба на современа претоварна станица за шут и кабаст отпад, со цел да се подобри хигиената и урбаната уреденост.

Со тоа Гази Баба ќе стане чиста, уредна и модерна општина, рече тој.

Во план е и изградба на нов мост што ќе ги поврзе Гази Баба и Аеродром, како и ново сообраќајно решение за директна врска меѓу Хиподром и Инџиково со автопатот.

Гази Баба ќе добие и нова општинска зграда, со што ќе обезбедиме подобри и побрзи услуги за граѓаните на општината. Ќе го реконструираме културниот дом во Нова Колонија, а ќе изградиме нови градинки во Сингилиќ и Хиподром 2. Ќе го реализираме кружниот тек на улицата „Благоја Стефковски“ со улицата Маџари, а ќе ја прошириме и комплетно реконструираме улицата „Перо Наков“, истакна Митовски и порача дека нивната решеност е Гази Баба да стане општина по европски стандарди.

Поврзани вести