Skip to main content

ВМРО-ДПМНЕ со централен митинг во Битола, СДСМ во Охрид

 Продолжува претставувањето на програмите на кандидатите за локалните избори низ државата и денеска, на петтиот ден од кампањата.

ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи митинзи во Новаци од 17 часот, Могила од 18:30 и во Битола од 20:30 часот.

Караванот на СДСМ и Коалицијата ќе биде во Дебарца и Вевчани во 17:30 часот, Струга во 18:30, а митингот во Охрид ќе почне од 20 часот.

Кандидатот за градоначалник на општина Гостивар на коалицијата АКИ, Валбон Лимани ќе ја претстави изборната програма во малата сала на Центарот за култура со почеток во 14:30 часот.

Во Гостивар на средби со граѓани ќе бидат и претседателот на Левица, Димитар Апасиев, кандидатот за градоначалник на општина Гостивар, Дарко Грујоски, носителот на листата, Никола Исаковски и останатите кандидати за советници. Потоа, во Тетово, средба со граѓани ќе одржат Апасиев, кандидатот за градоначалник на општина Тетово, Катка Божиноска и носителот на листата на Тетово, Боби Илиевски.

И независниот кандидат за градоначалник на општина Гостивар, Висар Адеми денеска ќе ја претстави изборната програма 2025-2029 во центарот „I-Can“ со почеток во 18 часот.

Политичката партија Демократи ќе одржи прес-конференција пред Уставен суд во 12 часот.

Изборната кампања почна во понеделникот, а ќе трае до 17 октомври на полноќ. Потоа следува 24-часовен молк, пред гласањето на 19 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.

Како што е предвидено во Изборниот законик (член 69а) за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео – презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.

Поврзани вести