
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ, наместо со политики, се служи со копирани кампањи и политички перформанси, реагирајќи на вчерашната прес-конференција на Каја Шукова.
Во соопштението од партијата се наведува дека СДСМ, според нив, „се претвора во шоу за имитација“, тврдејќи дека настапот на Шукова бил преземен од кампањи веќе видени во регионот.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека ваквиот пристап, како што велат, нема врска со македонската реалност и претставува доказ за недостиг од, како што наведуваат, автентичност, креативност и визија во редовите на СДСМ.
Според партијата, станува збор за уште еден пример на, како што велат, „копирање на формати од соседните земји“, наместо понуда на сопствени идеи и политики.
Во реакцијата се додава и дека темата за насилството врз жените е премногу сериозна за да се користи за политички перформанси, особено во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
„Жените во Македонија заслужуваат повеќе од некреативен и ископиран ПР и копирани сценарија“, се наведува во соопштението на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува по прес-конференцијата на Шукова, која говореше за случајот во скопската општина Карпош, каде што згаснаа животите на мајка и малолетна ќерка. Таа изјави дека во претходните две години биле поднесени 12 пријави за семејно, физичко и психичко насилство и оцени дека системот не реагирал навреме и соодветно, поради што, според неа, одговорноста треба да биде и политичка и да почне од врвот на Министерството за внатрешни работи.
Шукова во настапот се осврна и на други трагични случаи што ја потресоа јавноста во изминатиот период, оценувајќи дека се повторува истата шема – предупредувања, пријави и индикатори за ризик, а потоа задоцнета или недоволна реакција. Таа посочи и дека Форумот на жени најавил поддршка за граѓанскиот осмомартовски марш во Скопје, кој треба да започне во 12 часот од паркот „Жена борец“, со порака дека годинашниот 8 Март ќе биде ден за јавно барање безбедност и одговорност.

Македонски

