
Силата на една држава се гледа преку силата на нејзините институции. Кога институциите функционираат, граѓаните имаат чувство на сигурност, доверба и ред. Токму затоа улогата на македонската полиција денес е исклучително значајна, особено во време на комплексни безбедносни предизвици и нови закани кои не познаваат граници. Во изминатиот период покажавме дека државата има капацитет одлучно да се справи со криминалот и корупцијата.
Ова денеска го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање на централната манифестација по повод 7 Мај, Денот на македонската полиција, посочувајќи дека минатата година е завршена со намалување на вкупниот криминалитет за 6 проценти.
-Сузбиени се 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица. Во делот на борбата против корупцијата беа реализирани повеќе значајни постапки, вкучително и случаи од висок профил, а сузбиени се и 4 криминални групи. Особено е значајно што вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2 проценти што претставува највисоко ниво во последните 20 години. Овие резултати имаат многу подлабоко значење од самата статистика. Тие се порака дека законот мора да важи подеднакво за сите, дека државата нема да отстапи пред криминалот, дека институциите повторно мора да бидат посилни од оние кои мислат дека се над законот, нагласи Тошковски.
Министерот посочи дека истовремено работат и на модернизација на МВР и унапредување на услугите кон граѓаните. Се работи и на подобрување на условите за работа на полициските службеници, Бутел доби нова полициска станица, а наскоро се очекува пуштање во употреба и на новата полициска станица во Аеродром.

Во рамки на подобрување на условите за рбаоти и поголема ефикасност во работењето набавени се 120 нови службени возила технолошки опремени и поврзани со нови системи на МВР . Тошковски додаде и дека оваа година повторно започнува со работа и средното полициско училиште.

Унапредување на безбедноста во сообраќајот останува врвен приоритет на Министерството за внатрешни работи. Според податоците кои ги соопшти Тошковски системот „Безбеден град“ дава конретни резултати, а се бележи намалување на сообраќајните прекршоци и бројот на жртви. Како пример го истакна месец април и податоците за Град Скопје за овој месец. Минатиот април како последица на непочитување на сообраќајните правила и прописи во Скопје имало 8 жртви во сообраќајот, а овој април немало ниту една.

Македонски




