
Апсењето на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство повторно беше актуелизирано на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
Пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска, покажувајќи фотографии од собраниската говорница, посочи дека апсењето е направено во подземните гаражи во зградата каде живее министерот за земјоделство и праша дали некој во Министерството за внатрешни работи намерно ја прекинал операцијата и го уапсил директорот на Инспекторатот пред тој да ги предаде парите добиено од поткуп.
– Дали намерно или ненамерно, таа е локацијата во подземни простории, гаражи, кои водат до домот на министерот за земјоделство. Каква случајност. Доказ за тоа е овој имотен лист кој потврдува дека на оваа локација, на улица „Матеја Матевски“ во Скопје, на истата адреса стан има и министерот за земјоделство. Тоа никогаш не беше кажано ниту во прес-конференциите ниту во соопштението. И оттука, моето јасно прашање до вас е: дали вие или некој друг свесно и намерно во Министерството за внатрешни работи ја прекина операцијата, односно го уапси директорот пред тој да ги достави парите токму до министерот за земјоделство?, праша Петровска.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски коментирајќи ги наводите на Петровска рече дека станува збор за тези кои се поблиски до научна фантастика отколку до реалноста.
– Вас ве ценам како дама, како жена која била на високи раководни позиции во минатото, како жена која се грижела за безбедноста на државата и во една и во друга институција и навистина, со еден збор можам да кажам, ниски се овие обиди за дефокус на јавноста во насока во која вие цените дека треба да дефокусирате, и одговори Тошковски на Петровска.

Македонски


