Skip to main content

Гаши: Законот за Владата беше изгласан според Деловникот, нема застој во Собранието во однос на законите од реформската агенда

МИА

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, тврди дека седницата на Собранието за изменување на Законот за Владата се одвивала според Деловникот и не е прекршен ниеден член од него, а соработката во Собранието ја оценува „на многу задоволително ниво“ и дека досега нема никаква најава за порадикални мерки, како напуштање на Собранието.

На брифингот со медиумите, на кој беше разговарано за тековните и за идните активности на Собранието, Гаши рече дека според него реакциите и процедуралните реагирања од пратениците биле од политичка природа и дека политички реакции не би коментирал.

Што се однесува до процедурата, најодговорно тврдам дека законот е донесен во редовна деловничка процедура – изјави Гаши.

Прашан како ќе го оцени дијалогот меѓу пратеничките групи во Собранието, Гаши вели дека од атмосферата што ја има на координација и неговата комуникација со сите пратенички групи, соработката се одвива на многу задоволително ниво.

Јас сум задоволен и секогаш им благодарам на координаторите за конструктивноста, се обидуваме да бидеме отворени, не дека нема разлики во начинот како тие ја гледат работата на Собранието, но досега нема никаква најава за порадикални мерки, напуштање на Собранието, бојкот и така натаму. Се надевам дека така ќе остане и јас ги повикувам да ја продолжиме соработката – нагласи Гаши.

Знаат, рече Гаши, дека мојата поддршка и отвореност е уште поголема кон опозицијата отколку кон власта и се обидува да и даде поголем простор.

Мислам дека тоа е придонес за демократијата и така се трудиме да работиме. Мислам дека сите пратенички групи тоа го сфаќаат и продолжуваат да соработуваат во оваа насока – изјави Гаши.

Во однос на Законот за пратениците, Гаши рече дека тој е во комисиска расправа и се преведуваат поднесените амандмани по што ќе биде свикана седница од претседателот на Комисијата.

Знаете дека беа предложени повеќе амадмани, требаше време, овие денови имаше премногу работа во Собранието. Штом ќе се заврши таа процедура на преведување, се надевам дека председателот на Комисијата ќе ја свика седницата и ќе продолжи процедурата – изјави Гаши.

Тој нагласи дека за секој закон е јасна процедурата како се гласа, дали со двотретинско мнозинство, со просто мнозинство, од мнозинството присутно во Собранието, закони што се гласаат со голем Бадентер, мал Баентер итн.

Значи, јасна е постапка за секој закон. Кога има некој проблем во однос на интерпретацијата, кој закон како би требало да се гласа, има Комисија за деловнички прашања, која заседава и ги разјаснува работите. Досега не мислам дека сме имале таков проблем –-објасни Гаши.

Во однос на Законот за јавните обвинители, Гаши вели дека тој е во постапка и треба да има двотретинско мнозинство.

Штом се исполнат деловничките можности, ќе се свика седницата, ќе се изгласаат – изјави Гаши.

Законот за финансирање на политичките партии, Изборниот законик, Законот за Собранието и Законот за пратениците, Гаши ги посочи дека се законите за кои, во согласност со Деловникот, може да има долготрајна дебата и може да се блокира ако нема консензуалност и затоа се бара политички дијалог помеѓу политичките партии кога се предлага закон да се промени, еден од тие закони да има договор помеѓу политичките партии.

Во однос на реформската агенда, Гаши нагласи дека Собранието е доста експедитивно.

Штом доаѓа еден закон во собраниска процедура, веднаш свикуваме седници, комисиски расправи, како што е процедурата, ги носиме законите и до сега не сме имале пример на застој во однос на некој закон. Што се однесува до реформската агенда, пак, даваме еден поголем приоритет. Така што, досега, штом доаѓа закон од Владата или од пратениците, кој се однесува на реформската агенда, ние веднаш постапуваме. Во моментот немаме никаков закон во собраниска процедура од реформската агенда – изјави Гаши.

Поврзани вести