Skip to main content

„Матица македонска“ ќе ја објави „Раскинување на договорот“ / „Λύση Συμβολαίου“, дебитантската двојазична стихозбирка на Сотирис Минас

Во време кога јазикот и идентитетот сè уште знаат да бидат предмет на премолчување, притисок и политички калкулации, од печат наскоро ќе излезе книга што не може да се прочита само како книжевен настан. „Раскинување на договорот“ / „Λύση Συμβολαίου“, дебитантската стихозбирка на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас, отвора едно од најчувствителните прашања во современиот македонско-грчки културен простор: што значи еден Грк, без македонско потекло, сам да го научи македонскиот јазик, да го зборува со почит и својата прва поетска книга да ја објави токму во Македонија – двојазично, на грчки и на македонски јазик.

Книгата ја објавува „Матица македонска“, а македонската верзија на песните е препев на самиот автор. Тоа е еден од најважните аспекти на ова издание: македонскиот јазик тука не е само јазик на превод, туку јазик на лична, етичка и поетска одлука. Минас не му се обраќа на македонскиот читател однадвор, туку влегува во македонскиот јазик како во простор на признавање, солидарност и слобода.

Во претходни јавни настапи, Минас веќе ја објасни својата позиција со реченица што силно одекна во македонската јавност: „Ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по свој избор – и тоа со гордост.“ Со „Раскинување на договорот“, таа јавна позиција добива своја поетска потврда. Книгата покажува дека јазикот не е само средство за комуникација, туку и простор на отпор кон заборавот, неправдата и наметнатата тишина.

Во авторската белешка кон книгата, Минас ја формулира својата одлука без дипломатски заобиколувања: „Мојата одлука да ја објавам оваа збирка во Македонија, преку издавачката куќа Матица македонска, е свесен чин на правда.“ Тој пишува дека живееме во реалност изградена „врз негирањето на различното и врз задушувањето на неговиот идентитет“, па затоа ова издание го нарекува свој „директен судир со деценискиот молк и лаги“.

Токму затоа „Раскинување на договорот“ е повеќе од дебитантска стихозбирка. Таа е книга за личната повреда што не сака да остане само болка, за траумата што бара излез, за љубовта што не се откажува од човекот, но и за правото на јазик, име и постоење. Во неа интимното и политичкото не се одвоени: личната борба за самоослободување се чита како дел од поширока борба за достоинство.

„Избирам двојазично издание бидејќи соживотот на грчкиот и македонскиот јазик за мене претставува практично признавање на македонскиот идентитет“, пишува Минас. „Тоа е чин на солидарност што ги урива границите и бара заемна почит. Цврсто верувам дека помирувањето започнува единствено преку прифаќањето на постоењето на другиот.“

Насловот на книгата – „Раскинување на договорот“ – е нејзината централна метафора. Тоа е раскин со сè што било наметнато без согласност: со туѓите очекувања, со одземеното име, со стравот, со премолчувањето, со животот според туѓа мерка. „Тоа е мојот раскин со еден договор потпишан без мое знаење, кој ми наметнуваше потчинетост и сакаше да не постојам. Денес, тој договор го палам“, вели авторот.

Една од најсилните песни во книгата е „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“, напишана по инспирација од прочуената песна на Одисеас Елитис „Ми го дадоа јазикот – грчкиот“. Со оваа песна, Минас влегува во исклучително чувствителен историски и културен простор: јазикот како меморија, како рана, како отпор и како право што не може да биде избришано. Во стиховите се појавуваат Кајмакчалан, Вардар, Преспа, Дојран, Воден, Лерин, Вичо и Негуш – топоси преку кои личната песна се отвора кон колективна меморија, болка и истрајност.

Но силата на „Раскинување на договорот“ не е само во нејзината ангажирана острина. Таа е во начинот на кој општестеното се преобразува во поезија, а личното – во сведоштво. Ова не е книга што сака скандал, туку книга што одбива молк. Нејзината провокација не е во гласноста, туку во фактот дека еден грчки автор избира македонскиот јазик да биде дел од неговото прво поетско сведоштво.

Во текстот на корицата, Иван Антоновски забележува дека „Раскинување на договорот“ е дебитантска стихозбирка „во која личната повреда не останува само болка, туку прераснува во глас на самоослободување“. Според него, Минас ја гради својата поезија „врз отпорот кон наметнатите очекувања, одземеното име и животот според туѓа мерка“, а двојазичноста на изданието „не е додаток, туку суштински дел од неговата поетска постапка“.

„Овие песни треба да се читаат внимателно: и во она што го кажуваат, и во она што го премолчуваат – меѓу стиховите, таму каде што раскинот со ‘договорот’ станува почеток на послободно постоење“, се наведува на корицата на книгата.

Сотирис Минас е поет и преведувач кој работи на книжевната размена меѓу Македонија и Грција. При неговиот претходен настап во Скопје, во рамките на програмата „Македонско-грчки поетски координати“, тој порача дека поезијата на македонски јазик заслужува да се слушне „не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ“. Со „Раскинување на договорот“, таа реченица добива нова тежина: македонскиот јазик не само што се слуша, туку станува јазик на избор за еден грчки автор.

Новото издание на „Матица македонска“ е книга што отвора простор за разговор што долго бил одложуван. Во неа грчкиот и македонскиот јазик не стојат како спротивставени страни, туку како доказ дека вистинското помирување не се гради со бришење на различноста, туку со нејзино признавање.

„Раскинување на договорот“ е книга за правото на човекот да се ослободи од наметнатите улоги, но и за правото на еден јазик да биде слушнат без страв. Таа е поетски чин на самоослободување и културен чин со пошироко значење: книга што покажува дека договорите потпишани без негова согласност – без неговиот јазик, име, вистина и достоинство – конечно може да престанат да важат.

Поврзани вести