
Само што седнав вчера да го касапам Венкота Филипче, за неговата непристојна и политички суицидна реакција на спотот за јубилејот 35 години независност на Македонија – реакција во која октроираниот лидер од Кланот Дубаи се обиде да се убеди самиот себеси и уште неколкумина од својата потесна околина на Бихаќка, дека спотот наводно потврдил дека само СДСМ бил државотворна партија – ме претрка Богдан Илиевски, со еден извонреден пост што го пренесов на ова место, пишува Бранко Героски.
Богдан на Венкота детално му го раскажа и му го објасни спотот. Кадар по кадар. Смирено, педантно и уверливо. И за да не ви го раскажувам напишаното, кликнете на насловот и прочитајте ја уште еднаш извонредната колумна на Богдан Илиевски:
Филипче ја промаши и Македонија
Нејсе, мачетата ми беше тазе изострена, лакот и стрелата на рамо, моторната пила подмачкана… Накусо, се бев подготвил за една од моите познати касапаани. Се мислев дури да им се јавам и на другарчињата од ЗНМ, ССНМ, СЕММ и од ССРНМ, како и до дежурниот во Првата полициска станица Беко, сите институции каде што се жалат и пишуваат претставки фраериве од Бихаќка, кога се закачаат со мене и кога ќе си го добијат. Но ете, после часот по анатомија што Богдан го одржа специјално за доктор Филипче, мојата интервенција некако изгуби смисла.
И денеска се наместив да ѝ се препуштам на вообичаената летна мрзеливост. Арно ама, во последно време ниту еден мој домашен есап на пазар не излегува…
После синоќешниот спектакл „Силно светнал ден“, на сцената на „Билјанини извори“ во Охрид, сонцето уште сабајлево изгледа им удрило в глава на цела една булумента аналисти, новинари сегашни и бивши на кои Бихаќка им е ем мила ем драга, инфлуенсери на кои ВМРО им ја скинала жицата на гитарата и сега некои други жички им шмелцуваат…
Сите во еден глас од рани зори завревија ко марви пред колење – знамето го згрешивте, еееј, славите независност, а државното знаме не си го знаете!
Ми требаше некое време да сфатам што е работата и од каде вознемирот на „државотворниве“. Проблемот да ти бил во тоа што на сцената во Охрид се појавило државно знаме со 12, наместо со 8 зраци. И тоа да ти било ем кршење на законот ем национална катастрофа. Плус импровизација, платена со народни пари. Бла, бла, бла…
Повеќе на Plusinfo.mk

Македонски


