Skip to main content

Јаневска на промоција на нова генерација дипломци на Универзитетот „Мајка Тереза“

Министерство за образование и наука

Искрени честитки до сите вас кои денес и официјално станувате академски образувани граѓани. Вие сте гордост на вашите семејства, на вашите професори и на државата. Од вас очекуваме активно учество во општествениот живот и придонес кон развојот на Македонија. Веруваме во вашето знаење, но и во вашата енергија, креативност и желба за успех. Токму тие квалитети се двигател на промените и напредокот.

Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на денешната церемонија на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје која беше промовирана нова генерација дипломирани студенти.

Храбро чекорете напред. Вклучете се на пазарот на трудот, придонесувајте во развојот на постојните компании или создавајте нови вредности преку сопствени идеи и претприемачки иницијативи. Дел од вас ќе го изберат патот на науката. Македонија има потреба од млад научно-истражувачки кадар и затоа преку низа системски мерки работиме на создавање подобри услови за негов развој, напредување и меѓународна афирмација“, рече Јаневска.

Министерката упати честитки и до професорите за како што рече – нивната посветеност, за пренесеното знаење, искуство, време и трпение.

Со многумина од вас имаме заедничка соработка на активности насочени кон унапредување на високото образование и науката. Особено ми е драго што заеднички работевме на подготовка на новата законска регулатива во оваа област, која наскоро ќе се најде пред пратениците. Убедена сум дека со заедничка визија и посветеност ќе создадеме поконкурентен и поквалитетен систем на високо образование и научно-истражувачка дејност“, нагласи Јаневска.

Додаде дека ова е најмладиот државен универзитет во земјата и заслужува поддршка каква што добиле и сите државни универзитети при основањето, но и дека веќе ја добива. Владата обезбеди средства за изградба на нов универзитетски кампус кој се очекува да биде целосно завршен во период од 5 години.

Поврзани вести