Skip to main content

СДСМ нема да ги поддржи и да ги гласа интерпелациите

СДСМ нема да ги поддржи и нема да гласа за интерпелациите за неколку министри затоа што сметаме дека нема потреба од нови поделби по етничка основа, и во однос на интерпелациите – изјави денеска координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.

Според него, причините за интерпелациите не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку единствено со аргументи и факти околу работата на одреден министер или функционер.

Македонското собрание во ниту еден случај не смее да биде мета за поттикнување на било какви меѓуетнички тензии и отворање на можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински, причините за интерпелации не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работа на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи и факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација. Инцидентите и сквернавењето на македонското знаме, нарушувањето на јавниот ред и мир, како и употреба на огнено оружје што се случија за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме е за секоја осуда и претставува директно загрозување на меѓуетничките односи, јавната безбедност, достоинството на Македонците и исто така и друг настан кој што се случува во смисла на сквернавење на други симболи, не одат во прилог на градење на меѓуетничките односи. Постапувањето на институциите и преземање на сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие пред се непромислени и штетни дејствија не можат да бидат предмет на политичка интерпелација. Постојат закони и ако тие закони се прекршени, тогаш мора да се постапува и мора да носат одговорност – рече тој.

Спасовски нагласи и наброја многу други основани причини за интерпелациите.

Од друга страна постојат многу други основани причини за интерпелацијата, особено за министерот Тошкоски, но и за многу други министри во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Кај нас се поставува прашањето зошто ДУИ не ги опфаќа сите овие основи за интерпелации на министрите. На пример немаме ниту еден збор зошто не се преземаат мерки за она што ни се случува со нечистиот воздух и немаме ниту еден збор за скандалите на косовската граница и бегствата на Рамадани и Груби, нема ниту збор за партиската чиста во безбедносниот сектор и отпуштањето на професионалците, нема ниту збор зошто е амнестиран бодигардот на Мицкоски кој нападна полициски инспектор. Во интерпелацијата не се опфаќаат многу настани од безбедносен аспект што ни се случуваат во сите градови – рече Спасовски посочувајќи дека сето ова говори дека намерите се поинакви и отворање на нови димензии во однос на етничките прашања.

Околу интерпелацијата за пратеничката и претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демокграфија и млади Илире Даути поднесена од Левица, во однос на предлог-законот за бранители, Спасовски нагласи дека нема да биде решение на проблемот, бидејќи, според него, проблемот се вика Африм Гаши.

Не е никој друг виновен. А зошто е ова вака? Затоа што, кога законот не беше ставен на седница на Комисијата, претседателот по Деловникот е должен веднаш да овласти друг член на Комисијата и да се закаже седницата со точката на дневен ред. Ова прашање го поставив на координацијата со претседателот Гаши и добив писмен одговор дека му е сугерирано од стручните служби во Собранието дека ќе се закаже седницата после почетокот на пленарната седница, ако воопшто се закаже седница на Комисијата која е надлежна за разгледување одредено прашање, тој нема надлженост да ја свикува седницата повторно со тоа што би ја додал и точката на дневен ред. Вистинската одговорност и лице е Африм Гаши. Интерпелацијата на претседател на собраниска комисија, која е дел од парламентарната група, нема да донесе ништо – истакна Спасовски.

На новинарско прашање за обвинувања меѓу СДСМ и ДУИ изминатиов период за криминал и етнички тензии, Спасовски потенцира дека тие се две различни политички партии и имаат различни ставови по одредени прашања.

Тоа се две различни политички партии. Веројатно не очекувате дека треба да имаме исти ставови по сите прашања со сите политички партии. СДСМ како политичка партија е партија која што има длабока традиција, се изградила и функционира токму на оваа македонска модерна држава и секогаш јасно и гласно ги соопштува и ги кажува своите ставови без разлика за кого се работи. Така што, честопати ќе можеме да видиме дека различни ставови со сите. Клучното прашање треба да подигне нивото на култура во македонската политика, да седнете и да разговарате со секого без разлика на тоа дали имате исти или различни ставови по одредени прашања – рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Спасовски.

Поврзани вести